• петок, 22 ноември 2024

Стапи во сила Трговскиот договор меѓу ЕУ и Нов Зеланд 

Стапи во сила Трговскиот договор меѓу ЕУ и Нов Зеланд 

Брисел, 2 мај 2024 (МИА) – Индустријата и земјоделците од Европската Унија добиваат мноштвото нови извозни можности со стапувањето во сила на Трговскиот договор меѓу ЕУ и Нов Зеланд, кој се очекува да ги намали годишните извозни давачки на европските компании за околу 140 милиони евра, соопшти Европската комисија. 

- Благодарение на овој договор, се очекува трговијата меѓу ЕУ и Нов Зеланд во рок од една деценија да порасне за 30 отсто, при што извозот од Унијата потенцијално би се зголемил на 4,5 милијарди евра годишно. Инвестициите на ЕУ во Нов Зеланд имаат потенцијал да се зголемат и за 80 проценти. Овој историски договор, исто така, вклучува обврски без преседан за одржливост, вклучително и почитување на Парискиот договор за климата и основните работнички права, се додава во соопштението. 

Со Договорот се укинуваат царините за клучните извозни земјоделско-прехранбени стоки од ЕУ, вклучително и свинското месо, виното, шампањското, чоколадата и кондиторските производи. Дополнително, со спогодбата се гарантира заштита на близу 2.000 вина и жестоки пијалаци од ЕУ, како и на 163 од европски производи со гарантирано географско потекло, како Фета сирењето, истарската пршута или чоколадните бонбони со марципан од Либек.  

Од друга страна се обезбедени царински квоти за увоз на говедско и овчо месо и млечни производи во ЕУ. 

Договорот предвидува и полесен пристап на компании од ЕУ до договори за новозеландски државни набавки на стоки, услуги и концесии, како посебна помош за извозот на малите бизниси. 

Преговорите за Трговскиот договор меѓу ЕУ и Нов Зеланд започнаа во јуни 2018 година. Договорот беше потпишан на 9 јули минатата година, по што тој беше одобрен од страна на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ, на 22, односно 27 ноември. Од друга страна, постапката за ратификација на Договорот во Нов Зеланд заврши на 25 март годинава. сп/

Фото: СД

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан