• недела, 22 декември 2024

ССНМ и ЗНМ бараат нов закон за медиуми, за предложените измени на ЕНЕР доставени дваесетина забелешки

ССНМ и ЗНМ бараат нов закон за медиуми, за предложените измени на ЕНЕР доставени дваесетина забелешки

Скопје, 2 декември 2024 (МИА) - Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Здружението на новинарите и РЕСИС денеска организираа панел дискусија на која беше нагласена потребата за нов закон за медиуми, којшто целосно ќе биде усогласен со европското законодавство. Деновиве се подготвуваат измени на Законот за медиуми, кои се однесуваат генерално за онлајн медиумите и за кои додека тој беше на ЕНЕР засегнатите медиуми, организации и АВМУ испратиле забелешки.  

Претседателот на ССНМ Павле Беловски изјави дека Синдикатот и ЗНМ  предлагаат ново законско решение затоа што сите измени не можат да бидат опфатени во постоечкото и дека е потребен нов закон за медиуми. 

- Регулативите наложуваат да имаме нов закон за медиуми. Главните работи што треба да бидат инкорпорирани во ова законско решение се вметнување и регистрирање на онлајн медиумите, односно препознавање преку самата дефиниција, па и натаму во сите членови. Најважно за нас во синдикатот е во иднина такво ново решение да ги гарантира сите услови за работа, она што за нас е најважно, Актот за слобода на медиуми за Европската унија. А ако сакаме да стасаме таму каде што целиме, мора брзо и итно во дослух со Министерството за дигитална трансформација да изработиме ново законско решение. Оттука треба да почнеме, но не треба да застанеме во измените за АВМУ, како еден од нашите главни закони кои ја регулираат нашата дејност, а понатаму се надевам дека и во блиска иднина ќе имаме и закон за МИА, како и измени во законот за МРТВ, каде што еднаш засекогаш со оваа четворка закони, како ореол Законот за работни односи и подзаконските акти, општиот и посебните колективни договори ќе ставиме ред во оваа професија. Но без законот за МИА ние исто така не може да зборуваме за уредена професија, рече Беловски. 

Професорката Снежана Трпевска од РЕСИС институтот повикувајќи се на сеопфатната анализа направена минатата година, како и на потребата од усогласување со европското законодавство вели дека мора да почнеме да работиме на нов закон за медиуми во кој би се зајакнале одредбите за независноста на уредувачката политика на медиумите, ќе се гарантира медиумскиот плурализам односно пристапот на граѓаните до разновидни медиумски содржини, како и јакнење на работниот статус, безбедноста и независноста на новинарите во редакциите. 

-Програмата на Владата за оваа година содржи една точка усогласување на медиумската легислатива со најновите регулативи на ЕУ. Нам ни е потребен целосно нов закон за медиуми. Тоа го бара регулативата за слобода на медиумите со која сакаме да се усогласиме следната година. Основните поенти во законот треба да бидат да се зајакнат одредбите со кои ќе се заштитува независноста на уредувачката политика на медиумите, со кои ќе се гарантира медиумскиот плурализам или пристапот на граѓаните до разновидни медиумски содржини. Независноста на уредувачката политика во ЕНФА стои дека треба да биде ефикасна, независна, ефективна во праксата, затоа третата поента во тој закон треба да биде јакнење на работниот статус и на независноста на новинарите во редакциите и четвртата е јакнење на безбедоноста на новинарите, одобено безбедноста во контекст на недозволено следење на новинарите, особено следење на новинарите кои се занимаваат со истражувачка работа со користење на новите технологии, рече Трпевска.  

Рикардо Гутиерез, генерален секретар на Европската федерација на новинари, кој деновиве во Скопје одржува средби со претставници на Владата, организации и медиуми, истакна дека нема сомнеж дека онлајн медиумите мора да бидат вклучени во законите и дека легислативата треба да биде услогласена со европската започнувајќи со Европскиот закон за медиумска слобода, кој што има прецизна дефиниција што е еден професионален медиум.

-Поточно членовите (на законите) треба да се однесуваат не на еден медиум, туку на даватели на медиумски услуги. Што е давател на медиумски улуги? Дефиницијата во овој акт за медиумски слободи е јасна - тоа е физичко или правно лице чија што професионална активност е давање на медиумски услуги и која што е има заедничка одговорност за избор на содржини што ги дава како услуга и го определува начинот на кој што тие содржини се организирани. Актот на ЕУ не прави разграничување на печатените, емитуваните содржини на радиодифузерите и онлајн медиумите, рече Гутиерез.  

Законот за медиуми, како што истакна, не смее на никаков начин да биде дискриминаторски, особено со спречување на признавањето на локалните медиуми, непрофитните медиуми или медиумите на заедниците.

- Исто така треба да биде јасно дека членовите што се однесуваат на онлајн медиумите нема да бидат доволни. Македонија има обврска да ги спроведе сите одредби на ЕНФА до август 2025 година. Тоа остава осум месеци за целосен ремонт на сите закони што се однесуваат на медиумите. Мојот совет до Владата и до Собранието е веднаш да отпочне дискусии со ЗНМ и со ССНМ за сите овие закони, рече Гутриерез.

Мишко Талевски, претставник на Министерството за дигитална трансформација истакна на нивни предлог во Планот на Владата за 2025 година е внесено донесување нов закон за медиуми. Во меѓувреме, измените на актуелниот Закон за медиуми беа дваесет дена поставени на ЕНЕР и, како што информираше, за него се добиени забелешки од сите засеганти страни. Негова порака е дека за медиумите потребна помала регулација а поголема саморегулација. 

Новинарот Бранко Героски, како претставник на Онлајн медиа, коментирајќи ги измените на Законот за медиуми вели дека тие во основа се добри, дека има одредени слабости, но оти во нацртот што ќе биде пуштен до Собрание тие слабости ќе бидат решени. Геровски рече дека со сегашниот статус, онлајн медиумите се во т.н. сива зона и дека тоа понатаму е неодржливо. 

На дебата заборуваа и претствници на ЗНМ, на АВМУ и други медиумски организации. ев/ац/ 

Фото: МИА 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан