• среда, 26 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во завршна фаза е осовременувањето на депоата во Струшкиот музеј

Во завршна фаза е осовременувањето на депоата во Струшкиот музеј

Струга, 24 март 2025 (МИА) - Во завршна фаза е проектот за осовременување на депоата во Mузејот „Доктор Никола Незлобински“ во Струга. Во четвртата и последна фаза предвидено е осовременување на последните две од вкупно пет простории, со што Музејот ќе добие современи депоа кои ќе ги исполнат сите музејски стандарди, информира директорката Цветлана Василевска.

Најголемиот дел од музејските збирки заради немање постојана поставка, како што истакна, се сместени во депоата, па, подвлече, согласно тоа од исклучителна важност е обезбедување оптимални услови за нивната заштита. Реализацијата на проектот, додаде, ќе обезбеди максимални услови за заштита на материјалот сместен во депоата.  

-Условите се од витално значење за да се зачуваат музејските збирки. Заради несоодветното депонирање на материјалот настануваат корозија и оштетувања, кои можат да бидат и неповратни па ќе биде неопходна конзервација и реставрација за да се минимизира штетата. Заради тоа е од исклучителна важност да бидат исполнети основните нормативни заштитни услови, изјави Василевска за МИА.

Проектот почна да се реализира во 2018 година и се одвидаше во четири фази. 

- Во претходните фази направени се повеќе градежни интервенции, како препокривање на кровната конструкција, изолација, санација на ѕидни и подни површини, со што се задоволени основните просторни потреби за сместување на збирките. Минатата година согласно добиените финансиски средства со соодветни полици и шкафови беа опремени две простории од депото, каде што се сместени предметите од археолошката и етнолошката збирка, појасни директорката. 

Стабилните и соодветни микроклиматски услови, влажност, температура и светлина, според Василевска, се од голема важност за предметите, поради што се поставени дигитални термо-хигрометри за мерење на влажноста и одвлажнувачи на воздухот, кои треба да обезбедат дополнителна заштита и од бактерии и мувла за максимална заштита. сс/сст/

Фото: Музеј „Др Никола Незлобински“

 

 

 

 

Остани поврзан