• петок, 05 декември 2025

Средба Божиновска - Колумбија: Заедничка визија за енергетска ефикасност и поддршка на граѓаните

Средба Божиновска - Колумбија: Заедничка визија за енергетска ефикасност и поддршка на граѓаните

Скопје, 20 август 2025 (МИА) - Можностите за продлабочување на соработката во областа на обновливи извори на енергија, енергетската ефикасност, поддршка на ранливите категории и развој на иницијативи за климатски промени и животна средина, беа тема на разговор на денешниот работен состанок меѓу министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска и Рита Колумбија, постојана координаторка на Обединетите нации во Македонија.

Една од клучните теми, информираат од Кабинетот на Божиновска, беше поддршката од Обединетите нации за организацијата на 14-тиот Интернационален форум за енергија за одржлив развој (14-ИФЕСД), којшто во организација на Министерството за енергетика ќе се одржи од 28-30 октомври 2025 година во Скопје. Рита Колумбија ја потврди подготвеноста Обединетите нации да помогнат за учество на релевантни говорници на високо ниво, што ќе ја зголеми значајноста и ефектот од форумот.

-Соработката со Обединетите нации е клучна за унапредување на националните политики и за обезбедување конкретна корист за граѓаните. Со поддршката на ОН за нашиот форум ќе можеме да обезбедиме експерти и релевантни говорници кои ќе ја кренат дискусијата на високо ниво, истакна министерката Божиновска.

На средбата беше дискутирано и за можностите за продлабочување на соработката околу Зелениот финансиски инструмент, воведување на државни обврзници врзани со одржливост и поддршка на енергетските заедници, со цел обезбедување на поинклузивни и одржливи решенија за граѓаните. вј/дма/

Фото: МЕРМС

 

Остани поврзан