• недела, 22 декември 2024

Средба Бајден-Христодулидис во Белата куќа – прва по 28 години на американски и кипарски претседател

Средба Бајден-Христодулидис во Белата куќа – прва по 28 години на американски и кипарски претседател

Атина, 30 октомври 2024 (МИА) – Претседателите на САД и Кипар Џо Бајден и Никос Христодулидис денеска ќе се сретнат во Белата куќа, што воедно ќе биде прва средба на претседателите на двете земји по пауза од 28 години, а се очекува да разговараат за низа теми меѓу кои и кипарското прашање, јави дописничката на МИА од Атина.

Прес-секретарката на Белата куќа Карин Жан-Пјер рече дека билатералната средба е по успешниот инаугуративен стратешки дијалог САД-Република Кипар, започнат на 23 октомври.

- Лидерите ќе разговараат за низа глобални прашања, вклучувајќи ја енергетската безбедност и соработка, настаните на Блискиот Исток и континуираната силна поддршка за Украина во нејзината одбрана од руската агресија. Признавајќи ја 50-годишнината од поделбата на островот, претседателот Бајден ќе ја повтори поддршката на САД за бизонална, бикомунална федерација со политичка еднаквост за сите Кипрани, рече Жан-Пјер во најавата за средбата.

Портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис во писмената изјава посочи дека двајцата претседатели се очекува да разговараат „за последните случувања во кипарското прашање, билатералните односи Кипар-САД и ситуацијата на Блискиот Исток, вклучително и улогата што Република Кипар ја игра во обезбедувањето хуманитарна помош во услови на голема криза во регионот“.

- Станува збор за прва посета на претседател на Република Кипар на Белата куќа за средба со претседател на Соединетите Американски Држави од 1996 година. Последната средба се одржа во јуни 1996 година помеѓу претседателот Главкос Клиридис и претседателот Бил Клинтон. Средбата е во период кога билатералните односи меѓу Република Кипар и САД се на највисоко ниво и се карактеризираат како одлични, но и во време кога продолжуваат и се интензивираат напорите на генералниот секретар на Обединетите нации за одново започнување на преговорите, истакна Летибиотис.

Во пресрет на средбата, кипарскиот претседател вчера имаше телефонски разговор со грчкиот премиер, а утре Христодулидис и Мицотакис ќе се сретнат во Атина. ср/ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан