• недела, 17 ноември 2024

Србија доби повисок инвестициски кредитен рејтинг

Србија доби повисок инвестициски кредитен рејтинг

Белград, 5 октомври 2024 (МИА) - Агенцијата за кредитен рејтинг Стандард и Пурс (S&P Global Ratings) го подигна долгорочниот државен рејтинг на Србија за едно ниво: од неинвестициска оценка „ББ+“ на инвестициска оценка „БББ-“ со стабилни изгледи за негово понатомошно подобрување, јави дописникот на МИА од Белград.

Овој рејтинг ја става Србија на ист ранг со Унгарија и Романија и едно ниво под Мексико, додека економските перспективи се стабилни. Зголемувањето на рејтингот ја одразува подобрената економска отпорност на Србија на шокови, благодарение на силното макроекономско управување, соопшти Блумберг.

Оценката „БББ“, најниска во инвестициската група, како што објаснуваат од Стандард и Пурс, значи дека „обврзникот има соодветен капацитет да ги исполни своите финансиски обврски“. Сепак, поверојатно е дека неповолните економски услови или променливите околности ќе доведат до ослабен капацитет на должникот да ги исполни“.

Претседателот Александар Вучиќ во соопштение изјави дека инвестицискиот рејтинг што Србија го доби за прв пат во својата историја значи дека „достигнала значајна пресвртница во својот економски развој“.

Вучиќ предвидува дека тоа ќе доведе до помали трошоци за финансирање, поголем пристап до меѓународните пазари на капитал и зголемена доверба кај инвеститорите, што се однесува и на државата и на домашните компании.

-Србија е првата земја на Западен Балкан и единствената која како земја кандидат за прием во ЕУ има инвестициски рејтинг, рече Вучиќ.

Премиерот Милош Вучевиќ на Инстаграм изјави дека ова е најсилниот сигнал за нови директни инвестиции, за нови фабрики или портфолио инвестиции, но и шанса за поповолни услови за финансирање на државата и на домашните компании и граѓаните.

-Очекуваме уште побрз економски раст и поголема вработеност. Им честитам на граѓаните на Србија! Ова е успех за сите нас!“, нагласи Вучевиќ.

Министерот за финансии Синиша Мали денеска изјави дека Србија добила инвестициски кредитен рејтинг, единствена од сите земји во овој регион кои не се членки на Европската унија и дека со тоа се отвора вратата за големите професионални светски инвеститори.

Како што наведе, „Србија повеќе не е ризична земја која инвеститорите ја избегнуваат“. об/

 

Остани поврзан