Седум тони кокаин пронајдени закопани на фарма во Шпанија, 3,5 тони запленети во картони со банани во Португалија
- Полициска операција во Шпанија откри седум тони кокаин скриени во контејнери кои биле закопани на фарма во близина на шпанскиот град Севиља. Три лица се уапсени, соопшти денеска шпанската полиција.
Мадрид/Лисабон, 30 декември 2024 (МИА) - Полициска операција во Шпанија откри седум тони кокаин скриени во контејнери кои биле закопани на фарма во близина на шпанскиот град Севиља. Три лица се уапсени, соопшти денеска шпанската полиција.
Ова е најголемата пратка од оваа дрога запленета во јужниот дел на Пиринејскиот полуостров, се вели во соопштението на шпанската цивилна гарда.
Операцијата се одржа во петокот, откако полицајците пронајдоа два чамци за кои се верува дека биле користени за транспорт на дрогата на устието на реката Гвадалкивир, соопшти полицијата.
Потоа беше организиран надзор за следење на истоварот, што се случи на фарма во Корија дел Рио, околу 15 километри јужно од Севиља, чувана од силно вооружени луѓе.
При претрес на имотот биле откриени два закопани бродски контејнери во кои криминалната организација складирала различен товар, вклучувајќи огнено оружје и кокаин.
За време на рацијата, запленета е дрога, три оружја со долга цевка, вклучително и автоматска пушка АК-47 и две украдени возила.
Во меѓувреме, португалските власти конфискуваа речиси 3,5 тони кокаин скриен во пратка со банани од Латинска Америка, соопшти денеска португалската полиција.
Дрогата е запленета за време на полициска акција во пристаништето Сетубал, на околу 40 километри јужно од Лисабон, изјави за португалските медиуми Витор Ананиас, координатор на полициските истраги.
Кокаинот бил скриен во картони со банани носени во багажот на товарен брод кој редовно го превезувал овошјето меѓу Латинска Америка и Европа.
„Со оглед на големиот број палети со банани носени на бродот, откривањето на дрогата беше можно само благодарение на долгата и педантна работа на истражните службеници“, се вели во полициското соопштение.
Според информациите кои ги собрала португалската полиција, дрогата била наменета за неколку европски земји. мс/
фото: МИА архива