• недела, 20 октомври 2024

Со претставата „Иднина“ вечерва се затвора фестивалот РУТА во Драмски театар

Со претставата „Иднина“ вечерва се затвора фестивалот РУТА во Драмски театар

Скопје, 20 октомври 2024 (МИА) - Со изведба на претставата „Иднина“ вечерва во Драмски театар се затвора третото издание на фестивалот РУТА во Скопје.

Претставата „Иднина“ на режисерот Жига Дивјак е работена како копродукција на Местно гледалишче Љубљана и Београдско драмско позориште.

- „Иднина“ е претстава која ја отсликува сложената мрежа на меѓусебни влијанија на се’ и сите околу нас, се наведува во соопштението од Драмски театар Скопје. 

Жига Дивјак е еден од највлијателните млади словенечки режисери, кој со своите општествено ангажирани претстави ги обработува најактуелните општествени теми. Општествената ангажираност ја користел во својата работа уште како студент кога со проектот „Непосредно пред револуцијата“ (2013-2015), во кој тргнува од претпоставката дека театарот може да влијае и постепено да го трансформира општеството, го здобил вниманието на јавноста.

Во тој дух и со нов режисерски пристап создал многу значајни претстави во повеќе словенечки театри. Добитник е на две „Борштникови награди” за режија: 2017 за продукција „Човекот што го набљудуваше светот” на (СМГ) и 2021 за продукцијата „Гејм” на (СМГ и Институтот маски).

За режијата во „Претставата 6” (СМГ) во 2018 година ја добил главната Борштникова награда за најдобра претстава. Жига Дивјак во 2021 година ја добил Жупанчиќевата награда за режија. А на 51-та „ Недела на словенечката драма” во Крањ ја добил специјалната награда за изведба на претставата „Гејм”. На неодамна одржаниот МЕСС - Фестивал на малите експериментални сцени во Сараево, Жига Дивјак ја доби наградата за најдобар млад режисер.

Драмски театар и оваа последна фестивалска вечер по изведбата на претставата ќе организира тркалезна маса на која публиката ќе има прилика да разговара со актерите за претставата и да го сублимира впечатокот од третото издание на РУТА во Скопје. цр/

Фото: Драмски театар Скопје

 

Остани поврзан