• понеделник, 23 декември 2024

Гумбонзванда за МИА: Време е повеќе да се имплементираат законите за родова еднаквост, жените сакаат мир и стабилност

Гумбонзванда за МИА: Време е повеќе да се имплементираат законите за родова еднаквост, жените сакаат мир и стабилност

Скопје, 20 октомври 2024 (МИА) - За родовата еднаквост во земјава, дознав дека има значителен напредок. Донесени се закони. Во исто време, треба да се обрне повеќе внимание да се спроведуваат тие закони, а и на тоа што значи родовата еднаквост за руралните жени, младите жени, професионалките, вели во интервју за МИА, Нјарадзаи Гумбонзванда, заменик-извршна директорка за нормативна поддршка на ОН, системска координација и програмски резултати за UN Women. Жените, потенцира таа, сакаат мир, сигурност и нивно вклучување во донесувањето одлуки. 

Првото што го дознала за нас, вели дека е гостопримството на народот, но посебно задоволство било да се дојде во земја каде што претседателот е жена имајќи предвид колку малку жени претседатели има во светот.

– Посебно е и да се дојде во земја каде што Претседателот е жена. Има многу малку жени претседатели во светот. Само што дојдов од Генералното собрание на ОН и таму имаше само десет жени шефови на држави, од стотина. За родовата еднаквост во земјава, дознав дека има значителен напредок. Донесени се закони. Во исто време, треба да се обрне повеќе внимание да се спроведуваат тие закони, а и на тоа што значи родовата еднаквост за руралните жени, младите жени, професионалките, рече заменик - извршната директорка Гумбонзванда. 

На средбите со претставниците на министерствата за социјална политика, демографија и млади и за земјоделство исто така се информирала за родовата еднаквост, како и од соработката со Заводот за статистика, но и во ресурсниот центар, каде што била да види како родовата статистика се користи во креирањето политики, развивањето на институциите и распределбата на ресурсите преку родово одговорно буџетирање.

Образованието, економското зајакнување на жените и борбата против насилството врз жените и девојките се меѓу најважните прашања на кои во иднина треба да се фокусираат институциите и граѓанските организации во земјава, смета таа.

-Во иднина, би ве советувала во врска со четири проблеми. Знаете дека улогата на ОН е да ги поддржуваме земјите членки, да работиме со заедниците, а во текот на нашиот мандат и да работиме на унапредување на родовата еднаквост, зајакнување на жените и нивните права. Од тоа што го слушнав, најважно е да се фокусирате на проблемите со насилството врз жените и девојките. Жените треба да се безбедни во секојдневниот приватен и јавен живот и да имаат пристап до поддршка, заштита и безбедни места. Ова е првата група проблеми што се многу видливи, вели Гумбонзванда.

Второ, потенцира таа, фокусот треба да се стави на економското зајакнување на жените и на образованието.

- На економијата, нивните работни места, заработувачката, благосостојбата, платите. Земјоделките треба да можат да го однесат својот мед или зеленчук на пазар и пристојно да заработат. Но, да се случи тоа, земјата мора да се фокусира на образованието, особено за заедниците кои се најмалку застапени. Слушнав и за важноста на решавањето на проблемите како насилството врз девојчињата и детските бракови кај Ромската популација, но образованието и економското зајакнување се најважни за жените, рече Гумбонзванда.

Заменик-извршна директорка за нормативна поддршка на ОН, системска координација и програмски резултати за UN Women Гумбонзванда беше во Скопје во рамки на нејзината посета на земјите од Западен Балкан. Оваа нејзина прва посета по нејзиното назначување во јануари 2024 година, имаше за цел да ги зајакне релациите на UN Women со партнерите во Владата, граѓанското општество, донаторската заедница и системот на ОН во Северна Македонија. 

Зборувајќи за родовата еднаквост во земјите од Западен Балкан Гумбонзванда објаснува дека UN Women има регионална канцеларија во Турција, па така тие имаат значително присуство во оваа земја, а сега била во посета на БиХ, Албанија, Србија и Косово. Жените, потенцира таа, сакаат мир, сигурност и нивно вклучување во донесувањето одлуки.

- За споредба, од жените, како и при посетата на Босна и Херцеговина, всушност слушав за три теми. Важно е да има мир. Жените сакаат сигурност – да можат мирно да живеат. Значи, тоа е најважната тема за жените, мирот и безбедноста, како и вклучувањето на жените во донесувањето одлуки. Заедничка тема беше и колку важно е жените да имаат јавни функции, особено во локалната власт. Жените сакаат да носат одлуки, да кажат: „Дали имаме локални ресурси за давање услуги каде што живеат жени?“ Без разлика дали станува збор за вода, собирање комунален отпад, енергетски ресурси, училишта, рече Гумбонзванда.   

Ова, нагласува таа, е честа тема во различни региони - жените треба да донесуваат одлуки во државните институции.

- Мора да продолжиме да ги поддржуваме владите во регионов за да спроведуваат политики за родова еднаквост преку акциски планови, поткрепени со средства и финансии. Да има и секторски политики и податоци за следење колку се спроведуваат и да има капацитети во тие институции, за чекор по чекор да обезбедиме родова еднаквост и можности во заедниците, рече извршната директорка од UN Women.

Воочила и дека регионот на Западен Балкан е многу силен од културолошки аспект.

- Има силни култури. Има силни заедници. Јас сум африканска жена. Кога слушаме за Европа, важно е и да ги разбереме европските различности. Значи, од Западен Балкан ми беше важно да дознаам и за проблемите околу Западна Европа, Средоземјето, што значи пристапувањето во ЕУ, каква е динамиката... Така што и таа перспектива, да го разберам регионот, ми беше важна, посочува таа во интервјуто за МИА.

На овие средби важна тема на дискусија станала и миграцијата, како што вели Гумбонзванда за да се разбере движењето на луѓето низ регионот – по работа, во посета на роднините и пријателите, или едноставно за да се ужива во убавината на овој регион и оваа земја.

Наближувајќи се до одбележувањето на 30-годишнината од Пекингшката декларација и Платформата за акција, помошник извршната - директорка од UN Women потсетува на 12-те прашања кои се се уште важни.

– Справување со сиромаштијата, економијата, насилството врз жените, женските човекови права, образованието и здравјето, животната средина, климатските промени, но и улогата на медиумите. Во Пекинг, една од критичните улоги на медиумите беше дека треба да помогнат во решенијата. Навистина, да има силни институции, вели таа

Прво, според Гумбонзванда, важно е што земјите-членки, мора да ги поткрепат своите заложби за унапредување на родовата еднаквост, за зајакнување на жените и девојките и за промовирање на човековите права на жените и девојките, во врска со дванаесетте определени приоритети. Втората важна работа, продолжува таа, е што нашите земји преземаа чекори да ги решат овие проблеми.

- Мора да учиме од тие искуства. Видов дека земјава има такви искуства. Родово одговорното буџетирање и родовата ревизија од страна на главниот ревизор е добра практика. Тоа мора да го споделиме. На конвенцијата очекувам дебата за тоа што има да понуди секоја земја. Триесет години по ред, велиме дека ни требаат жени во одлучувањето. А земјава ќе рече: „Имаме жена претседател. Имаме жена што го води Министерството за финансии. Имаме градоначалнички...“ Тоа е напредок. Иако треба да биде поголем, се забележува напредок, рече Гумбонзванда.  

Очекувам и дека триесет години подоцна ќе се дискутираат решенија на проблемите за кои жените зборувале тогаш, а кои светот не ги решил.

- Во Пекинг, жените јасно рекоа дека сакаме свет без војни. По триесет години, жените сè уште гинат, а тоа може да се спречи, посочува заменик-извршната директорка на UN Women.

Во рамки на неделата на Обединетите нации во Њујорк беше донесен Пактот за иднината како документ што ќе значи почеток на реформи во оваа светска организација и за којшто земјите долго преговараа. На гласањето за него се покажа реалната слика за поделеноста на светот.

Гумбонзванда во интервјуто вели дека верува во мултилатерализам, но и дека самиот факт дека за овој документ се преговараше долго во ноќта значи посветеност на земјите. 

– Верувам во мултилатерализам. По трагедијата на Втората светска војна, беше основана ООН. Има многу земји. Има многу можности што се создадоа во ОН во изминатиов период. Си помислив – и исто како Вас, бев строга кон ОН и внимателно ја следев родовата еднаквост и други прашања – си помислив дека фактот што за прашањата на маса се преговараше до доцна во ноќта, тоа се вика посветеност. Во спротивно, ќе ги напуштеа преговорите и немаше да вложат напори. Значи, фактот што земјите-членки вложија напори да одат до последната реченица и да постигнат консензус беше добар чекор сам по себе. Сепак, важна е и имплементацијата. Во реформата за која се дискутираше во Пактот за иднината, нам подеднакво важна, беше реструктуирањето на Советот за безбедност. Добра дискусија беше и за земјите како Африка да бидат дел од Советот за безбедност, малите земји исто така... Тоа беше добро. Дискусијата за реформата на финансиските институции беше важна; важно беше да се разговара за прашањата околу долговите и управувањето, глобалното управување со меѓународните финансиски институции, рече Гумбонзванда. 

Подеднакво важна, за нea и за UN Women била дискусијата за реформата на институциите поврзани со ЕКОСОК и ревитализацијата на Комисијата за статусот на жените.

-Навистина ни беше мило што земјите-членки ја донесоа таа одлука. Бидејќи Комитетот за статусот на жените беше еден од многу малите комитети формирани во 1946 година заедно со Комитетот за човекови права. И, во текот на 79 години, ја добивме Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените; се одржа Светската конференција за жени; беше формирана Комисија за статусот на жените... Па реформата да се зајакне повторно Комисијата за статусот на жените беше добра одлука. Земјите-членки рекоа: „Не сакаме да одиме под сегашниот стандард. Сакаме да ја зајакнеме, надградувајќи го сегашниот стандард.“ Ме прашавте дали ќе го постигнат тоа? Да, верувам дека земјите-членки, штом ќе преземат обврска, треба да се посветат и на нејзиното спроведување, рече заменик-извршна директорка за нормативна поддршка на ОН, системска координација и програмски резултати за UN Women.

Гумбонзванда вели дека како заменик извршен директор во UN Women ќе продолжи да ги пренесува гласовите и искуствата на жените во нашите заедници за да влијаат на одлуките на нашите земји-членки, особено тие поврзани со мирот и безбедноста, насилството врз жените и сиромаштијата.

- Светот мора да вложи ресурси во безбедноста на луѓето. Знам, професионално и во рамките на моите одговорности, дека светот може да си дозволи да ги намали воените трошоци и да ги зголеми инвестициите во образованието, во здравството, во сигурното обезбедување храна, во транспортот, во енергетиката. Само купувајќи еден хеликоптер помалку може да го подобрите квалитетот на неколку училишта во многу земји, потенцира таа.

Така, следниот предизвик, е да ги поддржи земјите-членки да им дадат приоритет на националните ресурси во градењето на иднината за нашите деца за што е потребен мир, ставање крај на сиромаштијата и развивање на нашите заедници. 

Новинар Елизабета Вељановска Најдеска

Фото: Дарко Попов

Видео и монтажа: Срѓан Крстиќ, Борис Куновски, Јован Димовски

Превод од англиски: Магдалена Рид

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан