• понеделник, 23 декември 2024

Социјалните медиуми и медиумската „неписменост“ можност за манипулација со гласот на граѓаните

Социјалните медиуми и медиумската „неписменост“ можност за манипулација со гласот на граѓаните

Скопје, 29 октомври 2023 (МИА) - Најновата анкета на ЕВРОМЕТАР покажува дека над половина од граѓаните за политички теми најчесто се информираат преку интернет. Од нив, најголем дел, над 90 отсто, тоа го прават преку социјалните мрежи, кои, истовремено, се најплодната почва за дезинформации. Имајќи предвид дека следната година е предвидена за избори, како и фактот дека кандидатите и политичките партии токму преку овие канали најлесно допираат до нивните потенцијални гласачи, оформувањето на гласот на граѓаните во овие услови претставува вистински предизвик.

Според комуникологот Сеад Џигал, фактот што токму за политички вести луѓето се информираат најмногу од социјалните мрежи е резултат на дигиталните генерации.

- Тоа е резултат на една значителна промена која што се одвива веќе неколку години наназад. Промена во демографските групи. Оние генерации што ги нарекуваме дигитални генерации, кои што се израснати со интернетот, подоцна и со социјалните мрежи, сега заземаат еден поголем удел во демографската слика на оние кои што ги следат, публиката, читателите и другите корисници. Во поновите анкети таа бројка се зголемува и ќе продолжи да се зголемува бројката на луѓе кои што претежно ги користат дигиталните платформи за информирање и комуникација, вели тој за МИА.

Политичкиот аналитичар Џелал Незири смета дека кога една публика претежно се информира од социјалните мрежи, во поголем дел за нештата е дезинформирана.

- Кога една публика претежно се информира од социјалните мрежи, тоа значи дека таа публика не е информирана. Во поголем дел за нештата е дезинформирана. Ние знаеме кои се медиумите кои што пласираат потврдени, верификувани информации. Тоа се мејнстрим медиумите, но и онлајн медиумите кои почитуваат минимални норми и професионални стандарди во новинарството и како такви објавуваат содржини кои имаат поминато еден или два филтри на проверки. Првиот филтер може да биде самиот новинар, вториот уредникот, за, на крај, таа информација да биде потврдена. Но, во случајот на социјалните мрежи ние имаме едно море на дезинформации каде што секој објавува сѐ и сешто, каде што изворот на тие информации не е потврден, а не е ни самата информација. Тоа е опасно за самото општество, опасно е за демократијата но и за државата, нагласува тој за МИА.

Информирањето за изборниот процес на социјалните мрежи е само по себе предизвик 

Џигал вели дека информирањето за време на изборниот процес при состојба во која публиката е пренесена на социјалните мрежи има доста предизвици.

- Тука има доста предизвици. Од една страна, политичките субјекти, партии, коалиции, ќе треба да ги прилагодат своите програми и комуникациски стратегии за оваа сега зголемена публика, која и порано беше присутна, но, сега е значително зголемена. Исто така, дел од тоа прилагодување ќе треба да биде не само пакување на нивните пораки и програми, туку и да се заштитат кампањите, политичката комуникација, програмите и другата комуникација со граѓаните од некои релевантни и реални опасности кои што ги носат социјалните мрежи, вели тој.

Институционална поддршка, свесноста, едукацијата и подготвеноста, на оние кои што ја водат комуникацијата, во овој случај партиите и коалициите, и подобрена медиумска писменост и медиумска едукација кај граѓаните, како потенцијални гласачи, учесници во изборниот процес, ги издвојува како клучни.

- Тоа е процес со повеќе страни во кој сите вклучени треба да влезат сериозно и да се настапи координирано за да се избегне каков било вид на негативни последици врз изборни процеси, информирање, објективно информирање на граѓаните и обезбедување на фер услови. Тоа подразбира и поддршка од граѓанскиот сектор, како и од регулаторот, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Потребна ни е зголемена подготвеност и свесност дека тој тип на медиуми имаат поинаков тип на однос и кон корисниците, но и кон учесниците во политичка комуникација, смета Џигал.

Според Незири, во услови на предизборна кампања, кај нас повеќе се користи таканаречената „црна кампања“ на оцрнување на политичкиот противник, отколку што за промовирање на платформите и идеите на еден кандидат, или една политичка партија. 

- Се очекува дека партиите ќе ги користат тие алатки, ќе го користат интернет просторот за да ги извршуваат нивните проекти кои што имаат за цел оцрнување на непријателот во политичка смисла и победа на изборите, вели тој.

Дополнува дека е многу важно во овој момент да има повеќе видливост на професионалните медиуми, не само на традиционалните социјални мрежи, како што се Фејсбук, Твитер и Линкдин, или други, туку и на новите кои што се појавуваат секој ден и се можеби надвор од видикот на постарата генерација.

- Мора тие медиуми да се приспособуваат на новите трендови кои што ги наметнува онлајн сферата. Ако треба да се воспостави таа комуникација со пошироката публика, тогаш верификувана вест треба да се стави и на Тик-Ток. Мора да бидат сеприсутни традиционалните медиуми, за да не остават многу простор за анонимните портали или анонимните извори на информации кои што се фактички дезинформации, да го зафаќаат тој простор, посочува тој.

Промовирањето на медиумите кои се во листата на Советот за етика на медиуми кои што ги почитуваат стандардите, професијата и кодексот за етика во новинарството го посочува како друга опција.

- Таа листа на медиуми да се промовира како можен извор, или избор за информирање на граѓаните. Да се стави до знаење до јавноста дека користењето на сомнителни извори за информирање е исто толку опасно како да се користат информации за нивна можна дестинација од страна на луѓе кои што не се кредибилни. Ако вие одите некаде на пат и сакате да стигнете до одредена дестинација и притоа патем прашувате луѓе кои што ви се сомнителни, каде води овој пат, тогаш можеби никогаш да не стигнете на таа дестинација. Затоа е многу важно и јавноста да биде предупредена од каде ги користи тие информации, вели Незири, бидејќи, според него, доколку некој ни сервира дезинформации, ние ќе имаме погрешен став за многу важни нешта во државата.

Медиумска писменост како алатка за верификација на политичките вести

Според Џигал, софистицираноста на оние кои што дезинформираат е неколку скалила поголема од таа на публиката, корисниците и јавноста.

- Медиумската писменост е една од оние категории која што мислиме дека ние ја имаме и бидејќи постојано сме во комуникација, користиме медиуми, мислиме дека сме доволно вешти за паметно да ги користиме и да се заштитиме. Што не е најчесто случај. Суштината е во тоа што секој од нас треба да биде особено внимателен во ваков тип на политички изборни процеси во време на кризи и војни. Се покажува дека сепак, софистицираноста на оние кои што дезинформираат е неколку скалила поголема од нас, публиката, корисниците, јавноста и потребно е постојано да ја усовршуваме таа медиумска образованост и медиумска писменост. Во таа смисла, секој од нас треба да ги подобрува своите вештини, вели тој.

Дополнува дека ни е потребна поддршка од сите оние кои што можат да помогнат, да му помогнат на обичниот граѓанин континуирано да ја подобрува својата медиумска едукација, која што треба да му овозможи две главни работи, а тоа е квалитетно да се информира, и од друга страна, да се заштити од манипулациите или од некои негативни последици од овие платформи.

Џелал раскажува дека работите се многу променети од времето кога тој работел како новинар во печатен медиум и вели дека мора да се прилагодиме на новото време.

- Пред да објавиме една информација сме проверувале два-три пати и сме користеле најмалку два или три извори. Кога на крај ќе се увериме дека веста е точна, тогаш ќе објавиме. Сега се случува спротивното. Многу онлајн медиуми објавуваат непроверени и непотврдени вести и потоа останува на читателот да провери на два или три извори на информации. Мора да се прилагодиме на новото време. Не можеме да го сопреме времето или да го вратиме назад кога немало интернет. Мислам дека интернетот е многу добра алатка, ако знаеме како конструктивно да го користиме, вели тој.

Според него, значајно е граѓаните да научат како да имаат критичко мислење во однос на целата содржина која им се нуди.

- Не само содржината во онлајн просторот. Туку да имаат критично мислење и кон содржината од мејнстрим медиумите. Бидејќи никој нема право, или го нема тој печат на апсолутната вистина, затоа што вистината е секогаш релативна работа. Таквото критичко мислење може еден читател да го води кон вистинското. Во овој контекст, мислам дека кон секоја содржина мора критички да се осврне кога ја консумира, мора да ја потврди истата и со користење на отворени бази на податоци, и со користење на алтернативни медиуми за информирање и со споредување на веста од двa или три професионални медиуми, за на крај да потврди дека таа вест е вистинска или тој настан е пренесен во јавноста како што треба. За тоа сега не треба голем напор да се провери, бидејќи со два-три клика на интернет може да се дознае дали една вест е вистинита или лажна, заклучува Незири.

Ангела Рајчевска

Фото: Фросина Насковиќ

Видео: Андреј Бранковиќ 

Остани поврзан