Современите предизвици и искуства во примената на уставната контрола главна тема на конференција во рамки на билатералната посета на Уставниот суд на Косово на Уставниот суд на РСМ
- Делегацијата на Уставниот суд на Косово е во дводневна посета во Уставниот суд на Република Северна Македонија, во рамки на која се одржа Конференција на тема „Уставна контрола на законите и другите акти (материјални и процедурални аспекти)”, на која, како што информираат, се дискутирало за современите предизвици и искуства во примената на уставната контрола.
Скопје, 10 октомври 2025 (МИА) - Делегацијата на Уставниот суд на Косово е во дводневна посета во Уставниот суд на Република Северна Македонија, во рамки на која се одржа Конференција на тема „Уставна контрола на законите и другите акти (материјални и процедурални аспекти)”, на која, како што информираат, се дискутирало за современите предизвици и искуства во примената на уставната контрола.
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, како што информираат од Судот, изрази задоволство од досегашната конструктивна комуникација и соработка и во текот на своето излагање сподели дел од праксата на Уставниот суд, која се однесува на уставната контрола.

-Оценката на формалната уставност на законите според моето мислење треба да се интерпретира во најширока смисла, бидејќи тоа не е еднозначно прашање туку станува збор за состојба. Честопати зборувам на оваа тема и неминовно е споменувањето на двете спротивставени теории за толкувањето на Уставот, од една страна е оригинализмот и конзервативниот пристап, а од друга страна е живиот конституционализам. Јас сум приврзаник на умерениот жив конституционализам, не ја поддржувам било која екстремна форма без оглед дали станува збор за конзервативните сфаќања или пак премногу либералните кои може да предизвикаат судократија. Токму во оваа насока и ќе посочам две одлуки на Уставниот суд кој се охрабри да оценува спорни закони, како што беа измените во Кривичниот законик и Изборниот законик. Не само што констатиравме дека има пропусти од формален аспект, како што е злоупотреба на европско знаменце, без да има приложено европска легислатива за пример во самите закони, туку навлеговме и во оценување на постапката, која се коси со основни човекови права, заштитени со Уставот, изјави Костадиновски.
Уставните судии од Косово искажаа особен интерес за уставната контрола, прашањето на надлежноста на судовите и можноста за одлучување при судир на два закона. Претседателот на Судот во Косово, сподели примери од последните неколку години со кои ја објасни разликата во одлучувањето и донесувањето на храбри одлуки во насока на владеењето на правото.

-Се сеќавам на една дискусија со Роберт Бадентер и главното прашање кое беше поставено беше, колку далеку може да оди Уставниот суд при одлучувањето? Ние имаме дилема, за една седница која беше многу важна во политичко-општествен контекст, кога до Уставниот суд се обратија со продцедурални прашања, а притоа Собранието беше блокирано и се определивме да одлучиме колку пати може да се гласа за еден кандидат во државен орган. Ние донесовме одлука како процедурален критериум, според која за еден кандидат може да се гласа најмногу во три круга. До овој заклучок дојдовме следејќи го духот на текстот на Уставот, а Судот остана единствен орган да донесе одлука по оваа тема, што значи собравме храброст и одлучивме. Имаше критики, но поголемиот дел од јавноста, а и тие што критикуваа ја сфатија поентата и значењето на она што беше одлучено, изјави претседателот Реџепи.
Делегацијата на Уставниот суд на Косово е во дводневна посета во Уставниот суд на Република Северна Македонија, а претставници на двете делегации остварија средба со претседателката на Гордана Сиљановска-Давкова. Посетата, како што инфромираат, помина во размена на експертски мислења за современата улога на уставните судови во развојот на косовската и македонската демократија, за компаративното искуство, уставно-судските предизвици со коишто се соочени двата суда. аа/дма/
Фото: Уставен суд на РСМ