• вторник, 01 октомври 2024

Советот на Општина Кочани усвои предлог за обезбедување буџетски средства за набавка на униформи за учениците

Советот на Општина Кочани усвои предлог за обезбедување буџетски средства за набавка на униформи за учениците

Кочани, 30 септември 2024 (МИА) – Учениците во основните училишта во општина Кочани да добијат унифицирани работни униформи беше предлог-точката на дневниот ред на денешната седница на Советот на Општината, што доби едногласна поддршка од присутните советници.

Во образложението беше нагласено дека иницијативата е на Советот на родители во ОУ „Св. Кирил и Методиј“, кој веќе доставил барање до Општината. Притоа, беше речено дека најголемиот дел од средствата за набавка на униформите треба да се обезбедат од општинскот буџет, а остатокот со донации од бизнис секторот.

- Се работи за благородна намера со ваквиот предлог, но истиот отвора многу повеќе прашања, особено што со ваква одлука ќе се репродуцира потребата истата да остане традиционална и во наредните години. Униформите се трошат и се израснуваат, децата од помалите одделенија, односно првоодделенците веќе во второ и трето одделение не можат да ги носат. Се бараат околу три милиона денари, а за да креираме една таква одлука мораме да имаме и прецизни вредности со кои ќе располагаме или ќе го креираме буџетот за следната година. Нека оди како барање, а мојот совет е да му пристапиме малку посериозно и она што ќе се донесе сега да остане и за наредните Совети и за наредните градоначалници, истакна градоначалникот Љупчо Папазов.

Предлогот наиде на позитивни реакции во општинскиот Совет, при што во дискусиите беше истакнато дека ОУ „Св. Кирил и Методиј“ и ОУ „Крсте П. Мисирков“ од Оризари веќе донеле свои кодекси, со што делумно се спроведува намерата за унифицираност во облекувањето на учениците. та/цр

Фото: МИА

Остани поврзан