• недела, 22 декември 2024

Претседателката Сиљановска Давкова ги прими гувернерките на централните банки од регионот

Претседателката Сиљановска Давкова ги прими гувернерките на централните банки од регионот

Скопје, 1 октомври 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и гувернерките на централните банки од регионот Ирена Радовиќ на Црна Гора и Јасмина Селимовиќ на Босна и Херцеговина, кои учествуваа на конференцијата „Централните банки и централнобанкарското работење во комплексно опкружување: Покажување посветеност и одржување на кредибилитетот“. Конференцијата во организација на Народната банка на Република Северна Македонија и Комитетот за преобразување на Бретон Вудс, се одржа денеска во Скопје.

Како што информираат од кабинетот на Сиљановска Давкова, на средбата се разговарало за улогата на жените на раководни позиции и перспективите за ефективно управување и носење одлуки, поттикнувајќи ги иновациите и продуктивноста, а особено нивниот пристап кон социјалните прашања, преку политиките коишто застапуваат еднаквост и образование.

Соговорничките посочиле дека зголемувањето на учеството на жените на раководни позиции не е само прашање на правичност, туку и стратегиска предност за создавање поурамнотежени и напредни економии и дека женското лидерство е од клучно значење за поттикнување инклузивен економски раст и општествен развој.

Претседателката Сиљановска Давкова, нагласувајќи дека жените на челни позиции во финансискиот сектор носат голема одговорност, порачала дека тие претставуваат пример и инспирација за сите други жени кои го бараат своето место во општеството да ја постигнат својата професионална цел и кариера. сст/аа/

Фото: Кабинет на Претседател

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан