• петок, 22 ноември 2024

Советот на Општина Кочани доби нова сала

Советот на Општина Кочани доби нова сала

Кочани, 17 јули 2024 (МИА) – Советот на Општина Кочани доби нова сала, сместена во зградата на Мултикултурниот центар, во која во иднина ќе ги одржува редовните пленарни седници.

Салата е опремена со потребната аудиотехника за меѓусебна комуникација и снимање на седниците, а се очекува да биде инсталирана и обезбедената опрема со која преку интернет ќе се овозможи видео пренос во живо од работата на Советот.

Дополнително, за опремување на просторијата со мебел од буџетот на Локалната самоуправа беа инвестирани околу 500 илјади денари.

Новата сала официјално почна да се користи со одржувањето на денешната редовна 48. седница.

-По неколкугодишно очекување конечно добивме пристојни просторни услови за одржување на седниците, а опремата што беше донирана од УНДП целосно ќе биде ставена во функција. Упатуваме благодарност до општинската администрација и до претходниот советнички состав за реализираниот проект за опремување на салата, истакна Лазо Митев, претседател на Советот на Општина Кочани.

Во изминатите години Советот промени неколку локации за одржување на редовните и свечените седници. Притоа најмногу ги користеше општинската просторија за венчавки, потоа големите сали во Спомен домот АСНОМ и Центарот за култура „Бели мугри“, како и салата на Мултикултурниот центар во Кочани. та/дма/


фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан