• понеделник, 23 декември 2024

Собранието го одбележа Меѓународниот ден за намалување на ризикот од катастрофи – децата се најранлива популација која се соочува со дополнителни предизвици

Собранието го одбележа Меѓународниот ден за намалување на ризикот од катастрофи – децата се најранлива популација која се соочува со дополнителни предизвици

Скопје, 8 октомври 2024 (МИА) – Во законодавниот дом денеска беше одбележан Меѓународниот ден за намалување на ризикот од катастрофи - 13 Октомври, каде свое обраќање имаше претседателот на Собранието Африм Гаши, како и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обеднитените Нации, Армен Григоријан. 

Катастрофите се реална закана за благосостојбата на децата и на младите ширум светот, истакна Гаши во своето воведно обраќање, бидејќи, како што рече, тие се најранливата популација која во случај на катастрофа се соочува со дополнителни предизвици.

– Деновиве сме сведоци на катастрофални поплави во Босна и Херцеговина, кои однесоа и човечки животи, разорија домови, затрупаа куќи и имоти. Солидарноста на државите, на граѓаните од регионот и реакцијата на Европската унија, која го активира механизмот за цивилна заштита, се зрак на надеж во оваа трагедија. Нашата земја, исто така низ годините, беше погодена од голем број природни катастрофи, од разорни поплави во Тетовско и Скопско, до сеизмички потреси како земјотерсот во 1963 година и шумските пожари во изминатите неколку години. Последиците се почувствуваа во многу делови од државата, рефлектирајќи се на животот на граѓаните, економијата, животинскиот свет и животната средина, рече Гаши.

Природните непогоди, додаде, не препознаваат граници и нации, и затоа, од тој аспект е многу битно државите и меѓународните организации да се обединат и да соработуваат меѓусебно. 

– Нашата земја неколку пати ја има почувствувано важноста на меѓународната соработка, вклучително со помошта што ја добивме од нашите соседи и од Европската унија во справувањето со пожарите во изминатите неколку години. Би ја истакнал тука и помошта што ја добиваме од Владата на Швајцарија, која е во соработка со Програмата за Развој на Обеденетите нации и работи на намалување на ризиците од поплави во полошкиот регион преку голем број активности, истакна Гаши.

Постојаниот претставник на Програмата за развој на ОН, Григоријан, посочи дека децата во неразвиените земји се ставени во непропорционална позиција во однос на катастрофите.

– Тие се поранливи кон непосредната опасност од катастрофи и претрпуваат посериозни последици во однос на здравјето, образованието и севкупната добросостојба. Оваа година се повикуваат земјите да се фокусираат на образовниот систем за да се намалат ризиците од катастрофи во однос на младите и децата во две области, пред се заштита на децата, обезбедувајќи безбедни училишта и безбедни образовни институции. Тие треба да бидат безбедни во образовните институции и да бидат отпорни во однос на катастрофи и ризикот на катастрофи, посочи Григоријан. ра/aa/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан