• четврток, 18 април 2024

Собранието ги изгласа законски измени за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10д

Собранието ги изгласа  законски измени за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10д

Скопје, 26 мај 2023 (МИА) – Собранието во рамки на денешното продолжение на 115-тата седница ги донесе измените и дополнувањата на  петте закони поврзани со реализација на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д.

Со 60 гласа „за“ и 43 „против“ беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со 62 гласа „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, со  63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, со 62 „за“ и 44 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, а со 63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, сите по скратена постапка.

Претходно Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ во процедурална забелешка посочи дека неговата пратеничка група ќе гласа против законите за реализација на автопатите за коридорите 8 и 10д, за како што рече, да остане забележано и нотирано во историјата дека најголемиот проект на оваа Влада „е покриен и целосно исполнет со основни сомненија за злоупотреба и можен криминал од невидени размери со народни пари и дека сите овие постапки и процедури за носење на овие закони и договори ќе бидат внимателно анализиран, ревидирани и процесуирани до адекватните институции по промената на власта во Македонија“.

Расправата во Собранието за законските измени заврши вчера, откако претходно поминаа во Комисијата за европски прашања  каде беа доставени на предлог на Владата со европско знаменце, со образложение дека ќе овозможат поефикасна, побрза и поевтина изградба.

Во Собранието во 16 часот треба да  продолжи седницата за пратенички прашања.вј/лв/

 

Фото: Принтскрин

Остани поврзан