• сабота, 27 јули 2024

Снегот во дебарско не создава проблеми во одвивањето на патниот сообраќај, но е потребна внимателност

Снегот во дебарско не создава проблеми во  одвивањето на патниот сообраќај, но е потребна внимателност

Дебар, 5 март 2024 (МИА) – Снегот кој го обелеа поширокиот дебарски регион, засега не создава проблеми во одвивањето на патниот сообраќај.

Дебелината на снежната покривка е од 7 до 10 сантиметри, и редовно се чисти од екипи на дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на регионални  магистрални патишта, како и фирмите задолжени за тоа во општините.

-Сообраќајот се одвива без ограничувања и забрани на сите патни правци, кои се под надлежност на нашата единица. Нашите екипи се постојано на терен, во расчистување на истите а имаме доволно абразивен материјал, сол и песок и нема никаков проблем. Сепак поради влажните коловози препорачуваме внимателно возење и строго почитување на сообраќајната сигнализација, изјави за МИА, Деар Лиманоски, раководител на секцијата.

Под надлежност на дебарската секција се делницата Дебар-Жировница, на патот кон Маврово, Дебар-Глобочица, кон Струга, патот Мелнички Мост-Центар Жупа, кракот од Бошков мост кон селата од Мала Река, како и патот кон граничниот премин „Блато“ или во должина од околу 120 километри.

Снегот, кого го има во поголема количина на планините, секако е добредојден за зголемување на дотекот на вода во реките а со самото тоа и во акумулацијата „Дебарско Езеро“, како и за земјоделските посеви. вт/

Фото: МИА

Остани поврзан