Скај њуз: Путин го избрал местото за мировни преговори – ако ги има
- - Немаме ништо против, ако се случи. Зошто да не? Словачка зазема неутрална позиција, изјави Путин, додавајќи дека е решен да го заврши конфликтот во Украина, кој започна со копнена, воздушна и поморска инвазија во февруари 2022 година.
Лондон, 27 декември 2024 (МИА) - Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека е отворен за мировни преговори со Украина во Словачка „ако дојде до нив“, пренесува британскиот Скај Њуз.
Путин рече дека словачкиот премиер Роберт Фицо, кој оваа недела го посети Кремљ, ја понудил Словачка како место за преговори додека војната во Украина се приближува до својата трета година.
- Немаме ништо против, ако се случи. Зошто да не? Словачка зазема неутрална позиција, изјави Путин, додавајќи дека е решен да го заврши конфликтот во Украина, кој започна со копнена, воздушна и поморска инвазија во февруари 2022 година.
Украина сè уште не реагирала на понудата на Словачка, но претседателот Володимир Зеленски повеќепати ја критикуваше оваа земја поради пријателскиот став на премиерот Фицо кон Русија.
Иако Киев и Западот ги отфрлија руските барања Украина да се откаже од членството во НАТО и да ги признае територијалните придобивки на Русија, Зеленски навестува промена во ставот за преговори.
Во интервју за Скај Њуз, Зеленски изјави дека можно е постигнување договор за прекин на огнот ако териториите под контрола на Украина бидат ставени „под чадорот на НАТО“, со што би се обезбедила дипломатска можност за враќање на останатите територии.
Украинскиот претседател призна дека украинските сили нема да можат да ги повратат сите територии кои Русија ги окупираше, но додаде дека дипломатијата е единствената опција за да се принуди Путин на повлекување.
Меѓутоа, војната остави разорни последици и врз Русија. Според анализи на британската влада и војска, Русија загубила околу половина милион војници, убиени или ранети во конфликтот.
Дополнително, Кремљ побара поддршка од Северна Кореја, која испрати 10.000–12.000 војници да се борат во Украина, но поради нивното ограничено искуство, забележани се значителни загуби. ссм/
фото: архива