• петок, 17 мај 2024

Скапоцен дар и благослов за Бигорската Обител

Скапоцен дар и благослов за Бигорската Обител

Дебар, 25 октомври 2023 (МИА) – Бигорскиот манастир доби преубава виртуозно изработена икона на светиот првоврховен Апостол Петар, како посебен дар за игуменот на манастирот г. Партениј епископ Антаниски, од ценетите, негови и на манастирот, пријатели Димчо и Антонија Димчовски од Република Бугарија.

- Иконата на Светиот Апостол Петар не е само едно уметничко црковно дело, туку пред сè, олицетворение на силната верба, неразнишаната посветеност и внатрешниот духовен сјај на нејзините зографи и воедно дарители. Со други зборови, Димчо и Антонија не сликаат само со боја и четка, туку и со длабоко чувство, молитва и љубов. Овие благословени зографи – сопружници во повеќе наврати ги имаат дарувано нашите манастири со скапоцени творби, изработени со вештини на древните мајстори, во традиционален источно-православен (византиски) манир, користејќи како материјали злато, сребро, олово, емајл, бисери и полудрагоцени камења, оценува за МИА отец Кирил.

Иконата на Свети Петар, Димчо и Антонија му ја подаруваат на владиката Партениј како надополнение на нивниот претходен дар – икона на Светиот Апостол Павле, а во чест на неговата хиротонија во епископски чин, којашто се случи на празникот на Светите Првоврховни Апостоли. Сега, иконата на Свети Петар ја носат токму во пресрет на роденденот на г. Партениј.

Заедно со дарителите во манастирот допатуваа и Високопреподобниот архимандрит г. Серафим, почитуван старешина на историски многу значајниот Соборен храм на Православната Црква на Грузија Светицховели, сместен во древната престолнина Грузија, градот Мцхета, каде што до ден денес се чува Светиот Хитон Господов.

- Архимандритот Серафим донесе со себе не само благослов од чудесната земја на Свети Георгиј, туку и икона на новојавениот Светија од Грузија, Свети Гаврил Ургебадзе – исто така прекрасно и со љубов изработена од Димчо и Антонија – како и честичка од неговите свети мошти, за поклонение и духовно поткрепување. Овие светињи, чесните мошти и иконата на Свети Гаврил, ќе бидат упатени кон нашиот почитуван Архиепископ г. г. Стефан, во знак на длабоко почитување од страна на архимандритот и на зографите, додека иконата на Свети Петар останува да го краси нашиот манастир, додава отецот.

Свечениот момент со благодарствено слово го надополни владиката Партениј.

- Прекрасната икона на Светиот Апостол Петар е, всушност, дел од комплетот икони на Светите двајца Првоврховни Апостоли. Сесрдно им благодарам на овие прекрасни Христови души и за скапоцениот и свештен дар, како и за тоа што заедно со почитуваниот отец Серафим од Грузија, ги донесоа за поклонение иконата и моштите на Свети Гаврил. Овој голем современ старец од Грузија, кој во најново време стана особено омилен и славен по сето Православие, имал пророчки и проѕорлив дух. Неговите молитви и благослови нека бидат со сите нас. Иконата и моштите од Свети Гавриил се за нашиот Архиепископ, но еве, по Божјата милост, ние се удостоивте порано да се поклониме и на светиот образ, а и на неговите свети мошти, рече меѓу другото владиката.

Тој уште еднаш, како што посочи, безмерно им заблагодари на благородните Димчо и неговата сопруга Антонија Димчовски, кои заедно ги творат овие прекрасни икони во ромејска уметност. вт/ир

Фото: Бигорски манастир

Остани поврзан