• среда, 24 јули 2024

Во Крива Паланка отворена изложбата "Нова перспектива-Трансформер продукција"

Во Крива Паланка отворена изложбата

Крива Паланка, 17 мај 2024 (МИА) - Националната установа Центар за култура Крива Паланка синоќа рефлектираше нова димензија уметничка интерпретација со изложбата "Нова перспектива / Трансформер продукција", скулптури и макети од академските уметници, Анета Стојчевска од Крива Паланка и Елизабета Тошевска од Скопје. 

Главната концепција на изложбата се различните  перспективи на уметноста преку иновативни трансформации на форми, мотиви и принципи, а обете авторки со својот уметнички израз претставија нов визуелен приказ уметнички дела што ја импресионираа кривопаланечката публика.

-Инспирацијата доаѓа од уметницата Рејчел Вајтрихт и мојата поставка се макети огледала што претставуваат нов просторен концепт, преосмислен и репродуциран преку сериско производство. Користејќи негативи креирам нови димензии на просторот, привлекувајќи го набљудувачот на  интерактивен дијалог со изложените дела, рече Анета Стојчевска, истакнувајќи дека особено ѝ е драго што изложбата е дел од манифестацијата "Крива Паланка -Град на културата".

Елизабета Тошевска го истражува концептот на женската фигура и времето преку интимни разговори со себе. Нејзините дела ги претставуваат личните размисли за поимање на идентитетот, отворајќи го разговорот за времето и неговото влијание врз личноста.

Изложбата претстави уникатна симбиоза на различни перспективи и концепции, преку  иновативен пристап кон просторот и формата, а настанот беше збогатен и со настап на балерината Виторија Коцева, од групата за модерен балет на познатата македонска кореографка, Рисима Рисимкин. 

Во средата како дел од програмата на манифестацијата "Крива Паланка -Град на културата" во ЛУ Градски музеј Крива Паланка се одржа промоција на стихозбирката "Сончевина" од поетесата Марина Цветковска-Станковска од литературниот клуб "Калин", библиотека "Кочо Рацин" НУЦК, а во рамките на филмските вечери беше проектиран филмот „Недела“ , посветен на животот на пејачот од овие простори, Џеј Рамадановски, во режија на Немања Ќераниќ и Милош Радуновиќ.

До крајот на месецот следуваат промоција на книга, изложба, концерт на "Фолтин" како и Свечена академија по повод 24 Мај. ид/сст/


Фото Општина Крива Паланка 

Остани поврзан