• петок, 28 јуни 2024

Синдикатот на холивудски глумци стапува во штрајк

Синдикатот на холивудски глумци стапува во штрајк

Лос Анџелес, 14 јули 2023 (МИА) - Синдикатот на американските глумци вчера објави дека официјално ќе стапи во штрајк од полноќ денеска, т.е. 9:00 часот по средноевропско време. Според познавачите, оваа одлука може целосно да го парализира Холивуд и да ѝ нанесе тежок удар на филмската индустрија, каде што продукцијата на филмови и серии веќе е во застој поради штрајкот на сценаристите.

- Националниот совет на САГ-АФТРА гласаше едногласно за штрајк против студијата и дистрибутерите, изјави Данкан Крабтри-Ајрланд, национален претседател на синдикатот што претставува 160.000 глумци и други професионалци на големиот и малиот екран.

Здружението на работодавачи, од друга страна, соопшти дека се „доста разочарани“ бидејќи синдикатот „одлучил да ги прекине преговорите“. Извршниот директор на „Дизни“, Боб Ајгер дури и ги критикуваше „нереалните“ барања за „Си-ен-би-си“.

Засега синдикатот на глумците, како и тој на сценаристите, бараат ревалоризација на нивните приходи што се во опаѓање, меѓу другото, и поради интернет-преносите. Покрај тоа, тие бараат гаранции во однос на употребата на вештачката интелигенција, за да се спречи таа да пишува сценарија или да ги копира нивните гласови и ликови.  си/сд/

Фото: МИА архива.

Остани поврзан