• понеделник, 29 април 2024

Силјановска Давкова: Повеќе жени да се занимаваат со политика, Македонија не смее да се откаже од 50 проценти ум, знаење, креација, посветеност

Силјановска Давкова: Повеќе жени да се занимаваат со политика, Македонија не смее да се откаже од 50 проценти ум, знаење, креација, посветеност

Скопје, 13 април 2024 (МИА) - Кандидатот за претседател на државата од ВМРО-ДПМНЕ вечерва во обраќањето на митингот во Општина Карпош ги претстави насоките по кои ќе се раководи во извршувањето на функцијата доколку ја добие довербата од граѓаните. Таа, исто така побара жените повеќе да се занинаваат со политика и со својата посветеност и пожртвуваност да и помогнат на државата.

-Морам да ги охрабрам жените да се занимаваат со политика. Политиката е во женски род. Дури маж и жена прават човек не смее Македонија да се откажува од 50 проценти ум, знаење, креација, посветеност како што сме посветени секаде сигурно ќе бидеме посветени и во негувањето на Македонија, а таа ќе биде горда на нас и на вас сите, рече Силајновска Давкова.

Таа рече дека за неа еден од најважните приоритети е доброто образование и оти нема подобра инвестиција од тоа. 

-Мое решение – во претседателскиот кабинет и околу мене ќе формирам совет за млади. Доста со тезите дека на младите им припаѓа иднината. Младите мора и сегашноста да ја земат во своите раце. Една умна влада, а се надевам дека таква ќе биде бидејќи нема веќе избор – до ѕидот на срамот сме доведени зошто дијагнозата за нас како што гледате на Фридом хаус е што – цикличен хибриден режим, вртење во круг. На тоа мора да се стави крај и мораме да исчекориме, рече Силјановска Давкова. 

Најави враќање на народните канцеларии за да може полесно да го чуе гласот на народот, вето на владини закони ако тие се во спротивност со уставот, предлагање на, како што рече, врвни правници, а не партиски лица во Судскиот совет и во Уставниот суд, како и врвни експерти во Советот за безбедност. Ќе се залага за вклучување и ангажирање на македонската дијаспора во повеќе сегменти од општествениот и политичкиот живот. 

-Понатака, во дипломатијата нема да одат дилетанти, импровизатори, луѓе кои ја навредуваат Македонија, а не ја прават горда – скандал мајстори. Ќе одат луѓе кои се најдобра слика за Македонија. Така ние ќе бидеме почитувани, истакна Силјановска Давкова додавајќи и оти доделувањето на наградите кои се во ингеренции на претседателот ќе биде на лица кои тоа навистина го заслужуваат.

Во однос на Еврпската унија, таа рече дека реформите кои се прават и зачленувањето во ЕУ како приоритет не треба да биде само флоскула туку дека земјава треба да направи се дома да си ги воспостави потребните стандарди. Но, според неа, дел од вината има и самата Унија која не ни подала рака навреме.

-Замислете ако навистина ни подадоа рака уште во 2008 година. Се ќе беше поинаку. Во спротивно, само ги охрабрија балканските канибали, ги охрабрија – токму така, а тие како што гледате се однесуваат како карикатурални цезари и бонапарти, нагласи таа.

На митингот во Карпош пред присутните се обрати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој  реплицираше на вчерашното обраќање на претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во оваа општина.

- Го слушам вчера Ковачевски од тука од Карпош вели дека тој не ја кандидирал тетка му Жана, не ја знам госпоѓата сигурно е прекрасна дама интелигентна. Но мој совет до него да ме прашаше ќе му кажев подобро Жана да ја кандидираат отколку измеќарот на Али Ахмети, Стево Пендаровски. Кога сме кај Стево Пендаровски сакам да потсетам на неколку работи затоа што ако не се потсетуваме ќе заборавиме, а јас не сакам да се заборават работите кои понатаму ќе бидеме обвинувани дека не сме ги кажале и не сме потсетиле, истакна Мицкоски.

Според него, Пендаровски го нема никаде пет години да се појави, а се фали дека решавал илјадници проблеми.

-Стево Пендаровски пет години го нема никаде и се фали дека решавал илјадници проблеми еве јас ќе му поставам едно прашање. Нека каже Стево Пендаровски не 1000, не 100, не 10, туку еден проблем кој тој го решил, а јас можам да му набројам сега 10 кои ги создал. Па ќе го слушнете Стево како излегува на бина и небаре прв пат е на политичката сцена, а заборава дека цели 30 години битисува на македонската политичка сцена, па ќе го слушнете како тој ќе ви каже дека го осудувал криминалот и со тоа директно посочува дека владата на ДУИ и измеќарите од СДСМ се најкриминалната и најкорумпираната политичка гарнитура која некогаш ја водела Македонија, рече Мицкоски.

Тој праша по што ќе биде препознаен претседателот Пендаровски овие 30 години откако е присутен на на македонската политичка сцена, и дали некој може да каже една добра работа по која тој ќе се памети.

- Јас не можам да се сетам, не памтам долго 30 години, но во последните пет не можам да се сетам на една паметна работа која Стево Пендаровски ја направил, а можам на многу други лоши работи како на пример дека Гоце Делчев бил Бугарин, се сеќавате ли на таа работа, се сеќавате ли на Стево Пендаровски кога кажа дека ако не бил претседател и тој ќе се иселел од Македонија, рече Мицкоски.

Затоа додаде, на 24 април народот има шанса да излезе масовно и да гласа за Гордана Силјановска Давкова, да глас за бројот 2 и, како што рече, да му помогне на Стево да почне да ги пакува куферите.

-А потоа на 8 мај уште помасовно и жестоко да излеземе не само да ја направиме Македонија горда, туку да ја направиме твоја, ваша, наша Македонија, истакна Мицкоски.

Претходно денеска предизборниот караван на ВМРО-ДПМНЕ беше во Бутел и Зелениково. сст/дма/

фото: принтскрин и ВМРО-ДПМНЕ

 

 


 
 

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан