Се снима биографски филм за Ејми Вајнхаус
- Таа ја објави и првата слика од глумицата Мариса Абела преобразена во познатата пејачка, со крената коса, тетоважи и големи обетки. Филмот ги следи „живописните рани години на Ејми во Лондон
Лос Анџелес, 17 јануари 2023 (МИА) - Речиси 12 години по смртта на Ејми Вајнхаус, почна снимањето на биографски филм за животот на британската соул-пејачка.
Режисерката Сем Тејлор-Џонсон објави на Инстаграм дека снимањето на „Back to Black“, именуван по вториот албум на Ејми, почнало вчера во Лондон. Таа ја објави и првата слика од глумицата Мариса Абела преобразена во познатата пејачка, со крената коса, тетоважи и големи обетки. Филмот ги следи „живописните рани години на Ејми во Лондон и нејзиното интензивно патување до ѕвездите“, се вели во известувањето.
„Првиот пат кога го видов настапот на Ејми беше на шоу за таленти во џез-клуб во Сохо и веднаш беше очигледно дека не се работи само за талент... Таа беше генијалец. Се чувствувам и возбудено и понизно, бидејќи имам можност да ја реализирам и донесам убавата, единствена и трагична приказна за Ејми, придружена со најважниот дел од нејзиното наследство - нејзината музика“, рече Тејлор-Џонсон.
Режисерката е можеби најпозната по хитот „50 нијанси сиво“, како и биографскиот филм „Џон Ленон: Момче кое не ветува“.
Сценариото за филмот го напиша Мет Гринхалг. Филмот е заеднички продуциран од „Фокус фичрс“, „Монјументал пикчрс“ и „Студиоканал“.
Покрај нејзиниот величенствен глас и големите музички хитови, Вајнхаус ги полнеше весниците и со своето однесување. Таа со години се бореше со зависноста од алкохол и дрога. Почина на 23 јули 2011 од труење со алкохол, на само 27 години. Во 2015 година, британскиот режисер Асиф Кападија сними документарен филм за животот на Ејми Вајнхаус, за што доби и „Оскар“. си/