Се гради повеќенаменското игралиште во село Чанаклија, Општина Василево
- Во селото Чанаклија, во Општина Василево, тече изградбата на повеќенаменско игралиште за кое општината обезбеди средства од сопствените приходи.
Струмица, 12 април 2024 (МИА) - Во селото Чанаклија, во Општина Василево, тече изградбата на повеќенаменско игралиште за кое општината обезбеди средства од сопствените приходи.
Како што информираа од локалната самоуправа, изградбата на ова игралиште е планирана со Програмата за уредување на просторот на градежното земјиште во руралните подрачја во општината за 2023 година, кога била спроведена и постапката за јавна набавка.
Според документацијата, асфалтната подлога на игралиштето ќе изнесува 990 квадратни метри, а од едната страна, заради специфичноста на теренот, на три нивоа ќе бидат поставени габиони, односно специјален камен во жичени кутии. Игралиштето ќе биде оградено и осветлено со четири лед рефлектори. Ќе се монтираат стативи за голови и кошеви, а од дополнителна паркова инфраструктура ќе бидат поставени клупи и корпи за отпадоци.
За изградбата на повеќенаменското игралиште од општинската каса се планирани 3,5 милиони денари, а од Општина Василево наскоро најавуваат и изградба на исто такво игралиште во селото Висока Маала.рт/вј/
Фото: Општина Василево