• недела, 22 декември 2024

СЕП: Во Брисел продолжува билатералниот скрининг за „Конкуренција”

СЕП: Во Брисел продолжува билатералниот скрининг за „Конкуренција”

Скопје, 13 март 2023 (МИА) - Секретаријатот за европски прашања информира дека денеска во Брисел продолжува билатералниот скрининг за Поглавјето 8, „Политика на конкуренција“, кое е последно поглавје во агендата на билатералниот скрининг од Кластерот 2 „Внатрешен пазар“.

Презентации пред експертите на Европската комисија, како што информираат од СЕП, денеска имаа претставници од Комисијата за заштита на конкуренцијата на темите како што се правната рамка за соединувања на компании и компании (mergers), како и правилата и законите за државната помош.

- Северна Македонија го спроведува Договорот за стабилизација и асоцијација повеќе од 20 години, а во многу случаи сме сведоци дека Европската комисија посветува посебно внимание на политиката на конкуренција како едно од најважните и најтешките поглавја што го регулира внатрешниот пазар на ЕУ. Конкурентната политика на ЕУ има за цел да создаде внатрешен пазар, каде што економските оператори слободно се натпреваруваат меѓу себе. Европското право во оваа област ги вклучува и конкуренцијата и правилата што важат за компаниите, како и политиките за контрола на државната помош. Во ова поглавје, исто така, се вклучуваат и правилата и процедурите за борба против антиконкурентното однесување од страна на компаниите, како што се рестриктивните договори меѓу компаниите и злоупотребата на доминантна или монополска позиција на пазарот, се вели во соопштението од СЕП.

Правилата на конкуренција важат подеднакво и на ист начин за сите учесници на пазарот и нивна задача е да овозможат подобро функционирање на пазарот со што ќе се обезбеди поголема понуда на стоки и услуги по најповолни цени.

Делегацијата на Северна Македонија ја предводи заменичката на главниот преговарач на Северна Македонија со ЕУ и државна секретарка во Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу-Халили. Билатералниот скрининг состанок за ова поглавје започна во петокот, на 10 март и ќе продолжи и утре.

Од среда, 15 ти март започнува објаснувачкиот скрининг за Поглавјата 14 - Транспортна политика, 15 - Енергетика, 21 – Транс-европски мрежи и 27 - Животна средина и климатски промени кои се дел од Кластер 5, „Зелена агенда и одржлива поврзаност”. аа/мс/

Фото: СЕП

Остани поврзан