• вторник, 19 ноември 2024

Септемвриските плати во основното и средното образование ќе бидат повисоки за 15 проценти

Септемвриските плати во основното и средното образование ќе бидат повисоки за 15 проценти

Скопје, 22 септември 2023 (МИА) - Септемвриските плати во основното и средното образование ќе бидат повисоки за 15 проценти. Договорот во МОН го потпишале претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков и министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

-Септемвриските плати во основното и средното образование повисоки за 15 отсто. Продолжуваме понатаму со потпишување на колективните договори за основно, средно и високо образование, напиша на Фејсбук синдикалниот лидер.

Вработените во образованието со септемвриската плата добиваат 10 отсто согласно Општиот колективен договор (ОКД) за вработените во јавниот сектор и уште 5 отсто дополчнително договорени во преговорите меѓу СОНК и МОН.

Неделков неодамна за МИА изјави дека СОНК е во континуирани преговори со Министерството за образование и наука просветните работници со септемвриската плата да добијат дополнително покачување од оние 10 отсто што ќе им следуваат со ОКД. 

Дополнителното покачување е сигурно, нагласи Неделков, и СОНК преговара со МОН колкав да биде процентот.

-Тие даваат толку колку што даваат, ние бараме повеќе. Да видиме каде ќе се сретнеме и затоа не би сакал да шпекулирам со проценти во јавноста, додаде Неделков во изјава на почетокот на учебната година. 

Притоа посочи дека СОНК успеал да издејстува 10 проценти покачување на платите за просветарите во 2020 година и 18 проценти во 2022.  хс/ац/

Фото: ФБ Јаким Неделков

 

Тагови

Остани поврзан