• понеделник, 23 декември 2024

Семејното законодавство не го следи развојот на односите во општеството и семејството

Семејното законодавство не го следи развојот на односите во општеството и семејството
Скопје, 17 март 2021 (МИА) – Семејното законодавство во земјава не го следи развојот на односите во општеството и семејството во последните неколку децении. Ние сме една од ретките земји во светот каде што може истовремено да бидете и во легален брак и во вонбрачна заедница. Законските решенија не нудат соодветна рамка за решавање проблемите кои се отвораат во пракса, особено со зголемениот број на разводи и вонбрачни заедници во последните неколки децении. Додека во сите европски земји регулирањето на брачните и семејни односи има апсолутен приоритет, кај нас од 1992 година, освен некои козметички измени нема реформа на семејното законодавство. Имаме многу правни празнини и недоречености во семејното право, што се гледа и од судските процеси и проблеми во сферата на поделбата на имотот во брачната и вонбрачна заедница, родителското право по развод, издршката на децата... Ова го порачаа учесниците на национаната конференција „Дали и зошто законодавецот ги заборави реформите во семејното право“, организирана од Институтот за правно-економски истражувања и едукација. Претседателот на Институтот „Iuridica Prima“ Ангел Ристов, на отворањето порача дека конфернеција во ваков состав во нашата држава се организира по повеќе од 26 години и изрази очекување, дека ќе успее да ги поттикне надлежните да ги донесат очекуваните законски реформи во оваа важна животна проблематика. Народниот правобранител на Република Северна Македонија Насер Зибери, порача дека динамиката на развојот на односите во општеството и семејството во изминатите три децении не била проследена со соодветни законски измени и реформата во оваа област целосно затаила. - За жал во животот постојат и проблеми кои бараат одговор и од семејното право. Овие предизвици за нас и како правници и како родители, ни кажуваат дека законите, особено законите кои не ја следат динамиката на развојот на односите во општеството и семејството, не секогаш нудат соодветни решенија, изјави Зибери. Многу институти на семејното право, рече Зибери, не даваат одговор на предизвиците на времето во кое живееме. - Законските решенија станаа тесна рамка за решавање на проблемите.  Институтот брак, вонбрачна заедница, имотоно-правни односи за имот стекнат во брак или вонбрачна заедница, родителското право и правото на дете се само неколку прашања кои неминовно треба да претрпат измени и да се реформираат, порача Зибери. Од позиција на Народен правобранител во чии извештаи се нотираат овие проблеми, Зибери порача дека надлежните инстуитуции треба час поскоро да се зафатат со реформи во оваа област, искажувајќи подготвеност да даде значаен придонес во реформите на семејното право. Професорот Дејан Мицковиќ, зборувајќи за „Глобалните промени во семејството и потребите од реформи во македонското семејно законоадвство“, порача дека во последните неколку децении во рамки на бракот и семејството се случиле брзи и диманични промени, кои се согледуваат со драматично зголемениот број на разводи, се поголемиот број на вонбрачни заедници и вонбрачни деца, како и појавата на се повеќе монородителски семејства и семјества во кои барем едниот партнер веќе има деца од претходен брак. - Прашањето е како правото се реформира и прилагодува на ова. Имаме неколку глобални тенденции. Сега имаме либерализација на разводот на брак, а се либерализира и вонбрачната заедница, која во голема мера се приближува до бракот по своите правни последици. Се подобрува и положбата на вонбрачните деца. Основа на сите реформи е тоа што има поголема заштита на првата и интересите на децата. Денеска главен дел на семејното право не е брачното право, туку родителското право. Фоксуот не се става на брачниот пар, туку пред се на интересот на детето. Во сите европски законодасвтва најголем дел од реформите од оваа сфера се насочени кон поголема заштита на правата и интересите на децата, изјави Мицковиќ. Истите промени во брачните и семејни односи, нагласи Мицковиќ, се случуваат и кај нас со тоа што многу подоцна. - Разликата е во фокусот на законодавецот кон промените во бракот и семејството. Во сите други европски земји, регулирањето на брачните и семејни односи има апсолутен приоритет, во Македноја за жал од 1992 година, освен некои козметички измени ние немаме реформа на семејното законодавство. Оваа статичност на законодавецот доведува до искличително негативни последици по децата, изјави Мицковиќ. Професорот Мицковиќ, кој е и потпретседател на Комисијата за семејно и наследно право во рамките на Граѓанскиот законик, нагласи дека се неопходни итни реформи во сферата на вонбрачната заедница, бидејќи законодавецот кај нас не предвидува можност едно лице да ја напушти брачната заедница без равод и да почне вонбрачна заедница. - Ние сме веројатно една од ретките земји во светот каде што може истовремено да бидете и во легален брак и истовремено да бидете во вонбрачна заедница и едната и другата да произведуваат правно дејство, изјави Мицковиќ. Имам, посочи тој, крајно лошо и застарено регулирање на имотните односи во брачната и вонбрачна заедница. - Се уште постои доминантен концепт на заеднички имот, кој се стекнува во текот на бракот, но не е добро дефинирано што претставува посебен, а што заеднички имот. Не е правно уреден и брачниот договор. Кај нас се смени општествениот и политички систем, но решенијата од сферата на имотните односи останаа од претходниот систем, изјави Мицковиќ. Како најголем и најсериозен недостаток, на нашето семејно право, порача тој, е регулирањтео на правата и зашита на интересите на децата. - Нашето семејно законодавство не е усогласено со Конвенцијата на ОН за правата на детето. Можеме да кажеме дека нашето семејно законодасвтво е застарено и воопшто не корсепонидра со Концевнијата во неколку клучни сегменти. Нашето семејно законодавство е спротивно и на судската пракса на Европскиот суд за човекови права, изјави Мицковиќ. Професорот Светомир Шкариќ од Правниот факултет „Јустинијан Први“, зборувајќи за односот на Уставите кон семејството, нагласи дека семејното право излегува од шемата на приватно и јавно и гради мостови и со едната и со другата дисциплина. - Истиот двоен однос провејува и во Уставот од 1991 година. Од една страна Уставот зборува за право на семејство како лично право или како приватно и се ситуира во приватната сфера, што се гледа од правото на домување, на тајноста на кореспонденцијата. Во исто време Уставот го ситуира семејното право и во сферата на јавното право, што се гледа од правата и обврските на родителите и нивните деца и ставот за посебна грижа за децата кои немаат родителска грижа, што се големи обврски за државната власт, изјави Шкариќ. Одредени работи во рамки на семејството, нагласи Шкариќ, изгледаат поинаку и поинаку се вреднуваат, отколку од гледиштето на државната власт, и тоа се гледа во односот кон правдата. - Семејната правда е природна правда, еднаква правда према сите деца. Родителите градат еднаков однос кон сите деца, но и децата градат чувство на правда кон родителите. Правдата во семејството може да опстојува само ако е 100 проценти еднаква. За разлика од тоа правдата во јавната сфера се изрзува преку законите, преку власта, која станува надворешна категорија. Таа законска правда, повеќе е наметната правда и има послаба врска со вистинската правда и тоа ние го гледаме преку нашите закони и односот на судовите кога пресудуваат дали е нешто праведно или не е праведно, изјави Шкариќ. Во вториот дел од конференцијата, се зборуваше и за проблемите во практиката поврзана со семејното законодавство со претставници од граѓанските судови, Центарот за социјални работи и адвокати кои работат во сферата на семејното право. аа/са/

Остани поврзан