• понеделник, 04 ноември 2024

Северноатлантскиот совет ги осуди последните руски хибридни закани

Северноатлантскиот совет ги осуди последните руски хибридни закани

Брисел, 3 мај 2024 (МИА) - Земјите членки на НАТО изразуваат длабока загриженост поради хибридните акции на Русија, кои претставуваат закана за нивната безбедност, но порачуваат дека ваквите руски активности нема да ги одвратат од намерата да продолжат да ја поддржуваат Украина, се наведува во изјавата на Северноатлантскиот совет (НАК) во врска со неодамнешните руски хибридни закани. 

- Сојузниците на НАТО се длабоко загрижени за неодамнешните злонамерни активности на сојузничката територија, вклучително и оние што резултираа со истрага и обвинение против повеќе поединци во врска со непријателските државни активности против Чешка, Естонија, Германија, Летонија, Литванија, Полска и Обединетото Кралство, се наведува во изјавата. 

НАК нагласува дека овие инциденти се дел од интензивираната кампања на активности што Русија продолжува да ги спроведува низ евроатлантската област, вклучително и на територијата на Алијансата, што вклучува ширење лажни вести, саботажи, акти на насилство, кибер и електронско мешање, спроведување кампањи на дезинформации и други форми на хибридни закани.  

- Ги поддржуваме и изразуваме солидарноста со погодените сојузници. Ќе дејствуваме индивидуално и колективно за да се справиме со овие акции и ќе продолжиме тесно да се координираме, потенцира Советот. 

Во изјавата натаму се посочува дека НАТО ќе продолжи да ја зајакнува својата отпорност и да ги применува и унапредува инструментите што му се на располагање за да се спротивстави на руските хибридни акции и ќе се погрижи Алијансата во целина и земјите членки да бидат подготвени да се бранат и да ги одвратат овие хибридни активности или напади.

- Го осудуваме ваквото руско однесување и ја повикуваме Русија да ги исполни своите меѓународни обврски, како што ги прават НАТО сојузници, се додава во изјавата на Северноатлантскиот совет. сп/рп/

Фото: НАТО

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан