• сабота, 23 ноември 2024

Северна Македонија ѝ го предаде на Албанија претседавањето со ПСЈИЕ

Северна Македонија ѝ го предаде на Албанија претседавањето со ПСЈИЕ

Скопје, 13 јуни 2024 (МИА) – Во пресрет на претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) од идниот месец, претседателот на Албанија Бајрам Бегај соопшти дека ќе се фокусираат на неколку приоритети – членство во ЕУ, економска стабилност, зелена и дигитална агенда, туризам, култура и регионално поврзување.

Албанија третпат ќе биде на чело на ПСЈИЕ, а овојпат претседавањето го презема од нашата земја. На прес-конференција вечерва во Скопје, претседателот на Албанија Бајрам Бегај ја поздрави Северна Македонија за „успешното и динамично претседавање со ПСЈИЕ“.

-Јас сум убеден дека работата и резултатите постигнати во време на вашето претседателство придонесоа да имаме посилна и поактивна организација и да изградиме подобра и подемократска иднина. Албанија останува проактивен поддржувач за регионалната соработка која го подобрува животот на граѓаните, ги засилува односите за добра соработка и помага во евроинтеграциските процеси, рече Бегај на заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, чија земја претседаваше со ПСЈИЕ минатата година. 

Бегај додаде дека во третото претседавање со ПСЈИЕ, кое ќе почне од јули, на Албанија ќе и помогнат искуството и успесите од досегашните претседавања со оваа организација.

Претседателот на Црна Гора Милатовиќ му посака успех на Бегај во едногодишниот мандат со водење на организацијата, а на Сиљановска-Давкова и го честиташе изборот за претседател на државата.

На прес-конференцијата тој истакна дека Црна Гора и Северна Македонија  делат заедничко минато, заеднички одговараат на предизвиците на сегашноста и, како што рече, уверен е дека имаме и заедничка европска иднина. 

Посочи дека за време на претседавањето на Црна Гора со ПСЈИЕ минатата година, дефинирале две приоритетни теми - забрзување на европските интеграции на нашиот регион и унапредување на регионална соработка.

-Една година подоцна, денеска овде, во Скопје, со задоволство можам да констатирам дека направивме сите заедно значајни чекори во остварување на наведените цели и денеска сме многу поспреми за соочување со предизвиците што се пред нас, рече Милатовиќ. 

Нагласи дека добрососедската политика е еден од најважните столбови на надворешната политика на Црна Гора, заснована на одлични билатерални односи со сите држави во регионот на Југоисточна Европа. 

Како што рече, лидерството во процесот на европските интеграции, според неговата агенда Црна Гора како членка во ЕУ до 2028, ги обврзува да продолжат со предано исполнување на мерилата за членство во Европската Унија и да бидат позитивен пример за сите други држави кои својата иднина ја гледаат во ЕУ. 

Милатовиќ порача дека нашата посветеност на реформите и регионалната соработка не е значајна само за членство во ЕУ туку и за осигурување долгорочен просперитет и стабилност на нашиот регион.

-Важно е одлучно да останеме на курсот на демократскиот развој и владеење на правото зашто само така нашите општества може суштински да напредуваат и да ја искористат можноста што произлегува од разбудениот ентузијазам и новиот моментум кој сега го имаме во Брисел по прашање на проширување на Европската Унија. Оваа платформа секако останува иницијатива од суштинско значење за остварување на нашите заеднички цели, платформа во чии рамки може да помогнеме едни на други, разменувајќи искуства и делејќи идеи, а имајќи иста цел, истакна претседателот на Црна Гора. 

На прес-конференцијата, со која во Скопје заврши Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на ПСЈИЕ, на прашање од медиум од Албанија што ќе направи земјата за рамноправна вклученост на Косово бидејќи не е признато од сите земји членки на Процесот, албанскиот претседател Бегај одговори дека „Косово е учесник на овој самит“ и, како што рече, „независно што постојат држави што не ја признаваат независноста на Косово, Косово со својот глас покажува дека овој процес не може да продолжи без неговото присуство“. 

-Сакаме да го поддржиме дијалогот помеѓу Косово и Србија за да се нормализираат овие односи меѓу двете држави и за да има признавање од двете страни и да се почитуваат малцинствата според Уставот на Република Косово, додаде Бегај. хс/ар/ 

Фото: МИА 

 

Остани поврзан