Северна Кореја продолжи со ракетни тестови, остри осуди од Јапонија и САД
- Северна Кореја утринава истрела неколку балистички ракети со краток дострел кон нејзините источни води, објавија нејзините соседи, наведувајќи дека тоа е извршено само неколку дена по завршувањето на јужнокорејско-американските воени вежби.
Сеул, 18 март 2024 (МИА) - Северна Кореја утринава истрела неколку балистички ракети со краток дострел кон нејзините источни води, објавија нејзините соседи, наведувајќи дека тоа е извршено само неколку дена по завршувањето на јужнокорејско-американските воени вежби.
Пјонгјанг на овие вежби гледа како на проба за инвазија на нејзина територија.
Утринава севернокорејската ракетна проба беше првата позната проба по околу еден месец. Експертите претходно прогнозираа дека Северна Кореја ќе ги прошири своите ракетни тестови и ќе ја заостри воинствената реторика пред претседателските избори во САД во ноември за да ја зајакне својата позиција во можните дипломатски контакти.
Јапонското Министерство за одбрана соопшти дека Северна Кореја истрелала три проектили, два во 7 часот и 44 минути утринава, а третиот околу 37 минути подоцна. Јапонскиот премиер Фумио Кишида на седница на парламентот изјави дека севернокорејски проектили паднале во водите меѓу Корејскиот полуостров и Јапонија, надвор од ексклузивната економска зона на Јапонија и дека не е забележана опасност или повредени.
Тој го осуди повторното тестирање на балистички ракети како акција што „го загрозува мирот и безбедноста на Јапонија, регионот и меѓународното општество“.
Кишида рече дека Јапонија силно протестирала против активностите на севернокорејските ракетни тестирања, нагласувајќи дека таа ги прекршува резолуциите на Советот за безбедност на ОН со кои се забранува Пјонгјанг да врши балистички активности.
Војската на Јужна Кореја, исто така, соопшти дека открила неколку балистички ракети со краток дострел, лансирани од Северна Кореја утринава.
Началникот на здружениот генералштаб на Јужна Кореја во соопштение нагласи дека лансирањето е „јасна провокација“ и се заканува на мирот и стабилноста на Корејскиот полуостров.
Како што се додава, Јужна Кореја истакна дека ќе ја задржи својата подготвеност да одбие каква било провокација од Северна Кореја, врз основа на нејзиниот цврст воен сојуз со САД.
Според проценките на Јапонија и Јужна Кореја, севернокорејските проектили истрелани од областа околу нејзиниот главен град поминале околу 300 до 350 километри и достигнале максимална висина од 50 километри.
Набљудувачите рекоа дека должината на летот на ракетите покажува дека тие биле оружје насочено кон клучни објекти во Јужна Кореја, како што е воениот штаб во централниот регион.
Американскиот Стејт департмент го осуди лансирањето на ракетата, велејќи дека тоа претставува закана за соседите на Северна Кореја и ја поткопува регионалната безбедност. Во соопштението се вели дека посветеноста на САД за одбраната на Јужна Кореја и Јапонија останува цврста.
САД имаат околу 89.000 војници во Јужна Кореја и Јапонија, столбот на нивното воено присуство во азиско-пацифичкиот регион.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска пристигна во Јужна Кореја. мс/