• недела, 22 декември 2024

СДСМ бара лидерска средба

СДСМ бара лидерска средба

Скопје, 30 ноември 2024 (МИА) - Потпретседателот на СДСМ Методија Илиевски денеска на прес-конференција побара итно одржување на лидерска средба на лидерите на сите парламентарни политички партии.

- Како партија која секогаш го ставала интересот на граѓаните и стабилноста на државата на прво место, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија предлага итно одржување на лидерска средба на лидерите на сите парламентарни политички партии. Ова е обврска што ја имаме кон граѓаните – обврска да покажеме дека сме подготвени заеднички да се справиме со сите предизвици и да ја зачуваме нашата држава стабилна и мирна, рече Илиевски на прес-конференција.

СДСМ, како што кажа, цврсто верува дека дијалогот, разбирањето и заедничката акција се единствениот пат напред.

-Лидерската средба е можност да ги обединиме сите политички субјекти околу една јасна и едноставна порака: Македонија останува стабилна и посветена на мирот, соживотот и почитувањето на различностите. Ова е време кога политиката треба да го покаже своето најдобро лице – лице кое обединува, кое создава доверба и кое промовира единство. Граѓаните од нас, политичарите, очекуваат да бидеме пример за смиреност, мудрост и посветеност кон заедничкото добро, рече тој.

Од партијата апелираат до сите граѓани да останат смирени и воздржани, нагласувајќи дека почитувањето на различностите и дијалогот се темелите на нашето заедничко општество. 

-Во овој дух, го упатуваме нашиот повик до сите лидери на политичките партии да одговорат позитивно и да се приклучат на оваа иницијатива. Времето бара одговорност, а ние сме подготвени да ја покажеме. Ова не е време за поделби. Заедно сме посилни и само така можеме да се справиме со сите предизвици кои ни стојат на патот, рече Илиевски.

На новинарско прашање, Илиевски кажа дека целта на власта не се вистински реформи на правосудството, туку како што вели, воспоставување правосудство што ќе служи исклучиво на партиските интереси на оваа влада.

-Наместо вистински реформи во судството, јавноста сведочи на закани од премиерот Мицкоски и неговата Влада. Ова е опасен преседан што открива лоша и недемократска тенденција – наместо да гради независен правосуден систем, Мицкоски се обидува да го зароби и стави под целосна партиска контрола. Ова не се реформи, туку отворен обид за уништување на демократијата и владеењето на правото. Очигледно е дека целта на ВМРО-ДПМНЕ никогаш не била да создаде независно правосудство. Напротив, нивната стратегија е јасна: со уцени, закани и апсења, сакаат да воспостават правосудство што ќе служи исклучиво на партиските интереси на оваа влада, вели тој.

Тоа, како што каша, е недозволиво и мора да биде осудено од целата демократска јавност.

-СДСМ потенцира дека секоја реформа во правосудството мора да биде спроведена исклучиво низ демократски процедури – транспарентно, објективно и задолжително поддржано од меѓународната заедница. Сè друго претставува пат кон диктатура. За само шест месеци, Мицкоски успеа да ги покаже своите вистински авторитарни тенденции. Прво со заробување на безбедносните служби и масовната партизација низ институциите, потоа со обидот за целосно партизирање на Советот за граѓански контроли, а сега и преку најавата за апсења на судии и обвинители. Она што на Груевски му требаше една деценија, на Мицкоски му беше доволно шест месеци. Ова е страшно и претставува сериозна закана за демократскиот развој на Македонија. СДСМ апелира до граѓаните, меѓународната заедница и сите институции што ги почитуваат демократските вредности да не дозволат авторитарните апетити на Мицкоски да го уништат она што е градено со години. Демократијата, владеењето на правото и независноста на институциите не смеат да бидат жртва на ничии лични или партиски амбиции, вели Илиевски. ев/вг/

ФОТО: СДСМ



Остани поврзан