Сандерс и Бутиџиџ бараат ново пребројување на гласовите во Ајова
- Демократите Берни Сандерс и Пит Бутиџиџ, поранешен градоначалник на Саут Бенд во Индијана, побараа да се преброи дел од гласовите по минатонеделните кокуси (партиски собири) во Ајова.
Вашингтон, 11 февруари 2020 (МИА) - Демократите Берни Сандерс и Пит Бутиџиџ, поранешен градоначалник на Саут Бенд во Индијана, побараа да се преброи дел од гласовите по минатонеделните кокуси (партиски собири) во Ајова.
Како што соопшти Демократската партија во Ајова, Сандерс бара повторно пребројување на гласовите од 28 избирачки места каде неговите соработници веруваат дека сенаторот бил оштетен за одреден број делегати, а Бутиџиџ од 66.
- Додека новото броење е само прв чекор во процесот и не очекуваме да го промени сегашниот збир, тоа е неопходно со цел граѓаните на Ајова да имаат доверба во конечните резултати од кокусите, изјави високиот советник на Берни Сандерс, Џеф Вивер.
Сандерс за минимален процент гласови ги загуби партиските избори во Ајова од Пит Бутиџиџ.
Резултатите доцнеа со денови поради технички колапс во собирањето на резултатите од гласачките места, потсетува Гласот на Америка.
На првото гласање на кокусите за кандидат на демократите кој во ноември ќе се кандидира против Доналд Трамп на претседателските избори, Бутиџиџ тесно го победи Берни Сандерс, прогресивен сенатор од Вермонт.
Бутиџиџ доби 26,2 отсто од гласовите и Сандерс 26,1 процент.
Сенаторката Елизабет Ворен освои 18 проценти од гласовите, додека поранешниот потпретседател на САД Џо Бајден имаше разочарувачки резултат, со 15,8 проценти од гласовите на делегатите.
На петтото место е сенаторката Ејми Клобушар која доби 12,3 проценти од гласовите.
Пребројувањето на гласовите од кокусите во Ајова, кои се одржаа во понеделникот, траеше многу долго поради технички проблеми.
Кокуси – собири на граѓани на кои отворено се изразува поддршка за некој од демократските кандидати – беа одржани на 1.600 локации во Ајова. Граѓаните кои сакаат да учествуваат во кокус мора да имаат најмалку 18 години и да бидат регистрирани во политичка партија.
Бројот на делегати од Ајова кои ќе гласаат за претседателскиот кандидат на последната конвенција на Демократската партија е 41, така што гласовите кои кандидатите ги добија во Ајова ќе биде претворен во број на делегати. јт/