Самостојна изложба на Марина Цветановска-Мартиновска во Уметничката галерија Куманово
- Изложбата „(ДЕ)кодиран Бит“ од уметницата Мартина Цветановска-Мартиновска ќе биде отворена утревечер со почеток во 19:30 часот во Уметничката галерија во Куманово. Кумановци ќе имаат можност да ги проследат фазите од творештвото на академската уметница од 2000 година до денес.
Куманово, 27 ноември 2025 (МИА) - Изложбата „(ДЕ)кодиран Бит“ од уметницата Мартина Цветановска-Мартиновска ќе биде отворена утревечер со почеток во 19:30 часот во Уметничката галерија во Куманово. Кумановци ќе имаат можност да ги проследат фазите од творештвото на академската уметница од 2000 година до денес.
-Поставката вклучува синергија на повеќе ликовни дисциплини и медиуми во кои се изразува Цветановска-Мартиновска, сликарски и скулпторски изведби, просторни и ѕидни инсталации, цртеж и друго. Изложбата има еден вид ретроспективен карактер и го одбележува нејзиното дваесет и петгодишно ликовно творештво (2000-2025), во кое доминира концептуалниот модус на изразување, изјави кураторот на изложбата, Драгана Спасковска-кустос советник историчар на уметност во НУ Музеј Куманово.
Визуелниот јазик на Цветановска-Мартиновска е мултимедијален и отворен: скулптура, цртеж, сликарство, објект и инсталација се третираат како рамноправни, а нејзината ликовна мисла се реализира низ континуирани експерименти со материјалот и просторот. Во постакадемската фаза, уметничкиот субјект се трансформира од формална експресија во апсолутен концепт, делото станува идеја, а идејата станува материја.
Минималистичкиот колорит (бело – црно) создава впечаток на стерилност, тишина и метафизичка дистанца. Но, присуството на светлината и сенката – особено во просторните инсталации како „Невидлив ритам“ – генерира динамика и илузија на тридимензионален волумен. Сенките функционираат како втор план на делото, како нематеријална реплика на формата, со што инсталацијата се удвојува и во реалниот и во перцептивниот простор. Преку црвената авторката го интегрира и „женскиот принцип“ од традиционалната култура, рачната работа како меморија, идентитет и отпор во исто време.
Во поновите циклуси, делата попримаат јасна ангажирана нота. „(ДЕ)КОД или Бит“ и „Скроен или сошиен ритам“ се метафори за „крпење“ – обид за спојување на духовни, територијални и историски пукнатини. Делото „Егзодусен ритам“ отворено ја носи одредницата на политичка уметност, вградувајќи ги наративите на националната меморија во обликот и материјалот. Мануелниот аспект на продукцијата е клучен – во традицијата на Алберто Бури, материјалот е подеднакво значаен колку и идејата.
Марина Цветановска-Мартиновска завршува постдипломски студии по вајарство на ФЛУ под менторство на проф. Станко Павлески. Член на ДЛУМ од 2000 год. Вработена како ликовен педагог во ОУ „Браќа Миладиновци“ Куманово, автор е на повеќе самостојни изложби во земјава и странство: САД, Франција, Турција, Германија, Црна Гора и други, учесник на многу групни изложби и интернационални ликовни колонии и добитник на награди.
Проектот е дел од програмските активности на НУ Музеј-Куманово, поддржан од Министерството за култура и туризам Изложбата за јавноста ќе биде отворена до 15 декември 2025 година. ам/вј/
Фото: Плакат