МИА во Баварија: Земја на мирни, ненаметливи луѓе кои грижливо го чуваат својот вековен идентитет
- Баварија е голема, разнолика, богата покраина во јужна Германија, но она што ја прави посебна не е само природата, технологијата или архитектурата. Вистинската суштина на Баварија лежи во самиот народ, во Баварците. Тие се луѓе со силна културна самосвест, со вековни навики што ги носат во себе со гордост, но и со отвореност кон современиот свет. Во нивниот секојдневен живот, традицијата не е формалност, туку атмосфера. Нешто што се чувствува во обичните денови, а уште повеќе на празниците. Ова е приказна токму за тие луѓе
Скопје, 12 декември 2025 (МИА)
Бранка Д. НАЈДОВСКА
Баварија е голема, разнолика, богата покраина во јужна Германија, но она што ја прави посебна не е само природата, технологијата или архитектурата. Вистинската суштина на Баварија лежи во самиот народ, во Баварците. Тие се луѓе со силна културна самосвест, со вековни навики што ги носат во себе со гордост, но и со отвореност кон современиот свет. Во нивниот секојдневен живот, традицијата не е формалност, туку атмосфера. Нешто што се чувствува во обичните денови, а уште повеќе на празниците. Ова е приказна токму за тие луѓе
Баварија (Баерн), една е од најпознатите и најживописните германски покраини. Се наоѓа во јужниот дел на Германија и е најголема по површина. Позната е по традицијата, алпските села, фармите, пиварите, замоците кои изгледаат како од бајка и модерните градови што пулсираат со култура и технолошки развој.

Баварија има неверојатни богатства. Баварските Алпи се идеални за скијање, планинарење и фотографирање, Кимското езеро - често нарекувано и како „баварско море“, кралските замоци на Лудвиг Втори кои се инспирација за замокот на Дизни, неповторливото барокно ремек дело - црквата Виескирхе, еден од најголемите терени за голф се наоѓа токму овде и тоа во малото село Риден...
Баварија е еден од најбогатите и најразвиени региони во Европа. Гигантски компании како БМВ, Ауди, Сименс... се со главните седишта токму тука. Имаат силен технолошки и инженерски сектор и иако, се почесто се жалат дека и ним се им станува се поскапо, таа останува и понатаму симбол за висок стандард т.е. добри плати, одлична инфраструктура, безбедни градови. Почит кон правилата во сообраќајот, регулативите, јавните служби.
Љубезни се, но не и наметливи. Не се студени, но им треба време да се „отворат“. Горди се на својата култура и историја, дисциплинирани се и точни, почитуваат хигиена и тишина. (Неселективните и строги казни не се воведени заради Баварците, туку заради нас, дојденците. За да се превоспитаат ауслендерите. На староседелците во менталитетот им е почитувањето на редот и поредокот.)

Патиштата се во совршена состојба и не можеш да се изгубиш, затоа што се трасирани и изградени да траат „илјада години“, поврзувајќи ги населените места од повеќе страни. Од една точка до друга ќе стигнете со воз, метро, трамвај, автобус или автомобил, а јавниот превоз (еден билет за сите превозни средства во цела Германија чини 22 евра, во траење од 24 часови), беспрекорно е точен и исто толку чист. Всушност, во Баварија е се под конец: нивите, фармите, пасиштата, улиците, дворовите, парковите... Тие не си ги средуваат куќите и својата околина затоа што мораат или за „што ќе речат комшиите“, туку затоа што сакаат пријатна слика за своето око, до каде што им стига погледот.
Загаденоста е нула така што можете со денови да не ја измиете косата и таа ќе ви остане пристојно чиста, а и нема наслаги прашина во домот за ден-два-три..., откако си ја избришал, како кај нас. Баварија е тивка. По улиците во малите места нема луѓе (па и во големите, освен во строгите градски центри), тие се на работа или внатре, во своите домови. Тоа велат, не е поради времето, кое во овој период е магливо и влажно, туку така е и во пролет, лето, есен. Тишината им е природна, не наметната.

Луѓе „нема“, ама на секој чекор има улични пепелници, канти за смет, јавно достапни и бесплатни „резервоари“ на сол и песок за ослободување од мразот, клупи... вендинг машини од кои можете да купите јајца, вино, пиво, сирење... од локалните фармери, семејни пивари со вековна традиција (Баварија е „епицентарот“ на пиварската традиција во Германија. Според некои податоци, тука има околу 650 пивари), пекарници, занаетчиски дуќани и цркви. Повеќето од Баварците се католици, а околу дваесет проценти лутеранци. Не знаат (или не сакаат), да зборуваат англиски, но и самите говорат нивни, баварски дијалект, којшто се разликува баеги од германскиот литературен јазик. Инаку, кога ве поздравуваат, речиси го пеат оноа „халооо“, „чууус“ или „чаооо“.

Иако, повеќето Баварци ќе ви се пожалат дека еврото секој ден ја губи својата вредност и цените постојано растат, во споредба со нашиот стандард ним се уште им е удобно. Просечна бруто плата, за полно работно време им е 4.200 евра месечно (во зависност од статусот – сингл, со деца итн. – тоа е околу 2.800 до 3.000 евра нето месечно), а сатницата (секако, зборуваме за просек, не за минимум и максимум), им е 28 евра од час. Кириите се скапи, како и недвижностите. Меѓутоа, ако живееш сам и готвиш дома, неделниот шопинг може често да биде помалку од 50-70 евра неделно (зависи колку јадеш месо, дали купуваш брендови, органска храна…). Па така, во маркет, сувомеснатите деликатеси од сто грама чинат од едно и пол до четири евра, тегличка зачини (40 грама), чини 90 денари, килограм кромид – 60 денари, килограм одличен кашкавал е дваесет евра, килограм лук е девет евра, лебот е од едно до четири евра, бонбониера Линд од двесте грама е десет евра, сто грама свежи свински шницли се 55 денари, што значи килограмот е 550 денари, колбасите се од десет евра за килограм па нагоре, килограм пилешко чини околу триста денари, морковите се едно евро за килограм, грозјето е две евра, седумдесет денари е килограм портокали, виски и вотка од 0,7 литри се по десет евра па нагоре, пристојно вино е четири евра, а солидно пиво има и за 70 денари за еден литар.
Гардеробата, обувките, кујнските садови, мебелот... се скапи. Она што е евтино (па и за нас) се германските додатоци на исхраната (суплементите), козметиката, средствата за личната хигиена и на домот. Што ќе рече, производите во популарните дрогериии ДМ таму се поевтини и до 50 проценти, отколку во нивните македонски продавници.

Во просечен ресторан, брз ручек за едно лице (кафе, плус едноставно јадење), ќе ви го наплатат од десет до 15 евра, а оброк „со повеќе“ (месо, плус гарнир, плус салата), од 15 до 25 евра. Чаша пиво (0.5 л), од три до пет евра, сладолед, десерт, печиво во угостителски објект е од четири до десет евра, а во подобрите слаткарници, едно колаче може да чини и до 13 евра. (Во популарните туристички места, овие цени се значително повисоки.)
Меѓутоа, освен на пиво после работа или за време на викендите и празниците, Баварците главно, јадат дома. Не „страдаат“ по гламур и „фенси“ работи. Тие се: „ако некоја работа треба да се заврши, ќе се заврши“. Тие се навременост и дисциплина, без претеран формализам. Тие се полни со гордост во локалниот идентитет, со силно чувство за се што е баварско.

Покраината или државата, ако повеќе сакате, препознатлива е и по традиционалната носија Ледерхосен (за мажи) и Дирндл (за жени), што освен за Октоберфест и други празници, неретко ја носат и во обичен ден. Основното мени им се состои од бретцели (переци), бели колбаси (ги јадат само до пладне), крофни, печени свински коленици, варени кнедли од тесто и компир, кисела зелка со јаболка и цимет, крем сирење со зачини (одлична комбинација со бретцели и пиво), многу пиво ...
Баварците живеат во силна рамнотежа меѓу работата и приватниот живот. Не сакаат хаос и преголем стрес. И имаат навики што многу зборуваат за нивната култура, која што е спој од алпска традиција, христијанско наследство и регионални специјалитети. Во неа се гледаат луѓе што ја чуваат историјата, не од носталгија, туку од почит, но се со прагматична отвореност кон современото.

Кога ќе ги споите овие нешта заедно, нивниот начин на живот, обичаите, јадењата, ритамот на природата, навиките, добивате регион кој е истовремено модерен и длабоко вкоренет во своето наследство. Баварците се луѓе кои ги чуваат старинските вредности не затоа што „така треба“, туку затоа што навистина ги сакаат.
Иако современи, тие знаат дека идентитетот не се гради одново со секое поколение, туку тој се одгледува и се пренесува. Затоа Баварија се чувствува како место каде преданијата не се музејски, туку живи. Сè е тоа дел од еден ист дух што ја прави оваа покраина уникатна во Европа.

Каривурст со помфрит е околу седум евра, а сладолед со топли малини околу десет евра

Баварските градови и села се со дрвени куќи што мирисаат на смола и старо дрво и со луѓе чии навики се обликувани од ритамот на природата

Пиварството во Баварија е мешавина од големи индустриски пивари и занаетчиски (крафт) пивари

Ландсберг, градот во кој Хитлер одлежал околу една година затвор во 1924 година поради подготвување на државен удар и каде што ја напишал првата верзија од својата книга „Мојата борба“

На прв поглед, животот во Баварија изгледа уреден, дисциплиниран и добро организиран. Патиштата се чисти, железницата функционира како часовник, јавните услуги се структурирани. Чиста, германска прецизност
Се вели дека Баварците се „малку тврдокорни, но искрени“. Тие навистина осатваат впечаток на сериозни луѓе: не глумат, не претеруваат со емоции, не се театрални. Директни се и искрени

Нојшванштајн („Нова лебедова карпа“), изграден е во 19 век на стрмен рид близу Хоеншвангау и Фисен во југозападна Баварија. Негов нарачател бил баварскиот крал Лудвиг Втори, кој го користел како своевидно засолниште, обогатено со елементи кои му оддаваат почит на композиторот Рихард Вагнер, кој бил инспирација за кралот. Иако на јавноста не ѝ е дозволено да ја фотографира внатрешноста, овој замок е најфотографираниот објект во Германија и една од најпопуларните туристички одредишта. Тој е исто така модел за замоците во Дизни продукцијата

Градовите и селата се исполнети со тивки чекори по калдрмата и планини што блескаат како сребрени огледала, но и потсетуваат на минијатурноста на човекот
Баварците не брзаат да побегнат во модерноста. Тие избираат да живеат во свет кој ги научил дека вредноста не е во брзината, туку во стабилноста. Не во вревата, туку во тишината. Не во промената по секоја цена, туку во негата на она што веќе траело со векови

Катедрала: Баварската култура е спој од алпска традиција, христијанско наследство и регионални специјалитети. Во неа се гледаат луѓе што ја чуваат историјата, но не од носталгија, туку од почит

Во многу алпски куќи, истата фамилија живее повеќе од сто години. Во дворот често има стара дрвена плевна, симбол на минатото што сè уште дише

Алпските села, со својата природна убавина и традиционален дух, остануваат едни од најавтентичните места во Европа, каде минатото и сегашноста не се борат меѓу себе, туку се држат за рака

Веискирхе: Едно неверојатно доживување на бои во порцелан, мермер и прецизни детали

Слободната покраина Баварија e со површина од 70.553 км2 и 12,4 милиони жители и е една од двете најјужни сојузни покраини во Германија

Оваа, претежно земјоделска земја, има меѓународни граници со Австрија и Чешка. Соседни германски покраини се Баден-Виртемберг, Хесен, Тирингија и Саксонија. Две поголеми реки течат низ покраината: Дунав и Мајна. Баварските Алпи ја дефинираат границата со Австрија, а на нив се наоѓа и највисокиот врв во Германија – Цугшпице

Поголеми градови во Баварија се Минхен, Нирнберг , Аугсбург, Регенсбург, Вурцбург, Инголштат, Фирт и Ерланген

Кралството Баварија и Војводството Баден се првите германски покраини кои имале устав во раниот 19 век

Алпското подножје и околу 200-те езера нудат одлични услови за релаксација и активен одмор, кои заедно со 122-те скијачки одморалишта прават туристичката сезона да трае преку целата година

Потеклото на постарото баварско војводство можело да се следи уште во 551/555 година. Во својата Гетика, хроничарот Јорданес пишува: „Таа област на Швабите ги има Баварите на исток, Франките на запад...“
Фото: МИА