• сабота, 16 ноември 2024

САД, Јужна Кореја и Јапонија формираат нов тим кој ќе ги надгледува санкциите против Северна Кореја

САД, Јужна Кореја и Јапонија формираат нов тим кој ќе ги надгледува санкциите против Северна Кореја

Сеул, 16 октомври 2024 (МИА) - Соединетите држави, Јужна Кореја и Јапонија денеска најавија формирање нов мултинационален тим за следење на спроведувањето на санкциите против Северна Кореја, откако Русија и Кина го блокираа надзорот на ОН.

Тимот наречен „Тим за следење на мултилатералните санкции“, беше формиран откако Русија во март одби да го обнови мандатот на експертскиот панел на ОН, кој 15 години го надгледуваше спроведувањето на санкциите против Северна Кореја, додека Кина беше воздржана за време на гласањето.

Новиот тим има за цел да ја продолжи работата на панелот на ОН, вклучувајќи редовно известување за спроведувањето на санкциите. Во тој тим ќе бидат вклучени и други земји, како Велика Британија, Франција и Германија, изјави јужнокорејскиот функционер.

Основањето на тимот беше објавено на заедничка прес-конференција во Сеул од страна на американскиот заменик државен секретар Курт Кембел, заменик-министерот за надворешни работи на Јужна Кореја Ким Хонг-кјун и јапонскиот заменик министер за надворешни работи Масатака Окано, заедно со амбасадорите на осум земји.

Кембел истакна дека Русија, како што рече, веројатно го блокирала обновувањето на панелот на ОН поради извештаите за нелегални воени трансакции со Северна Кореја. Иако новата иницијатива можеби нема да има ист меѓународен легитимитет како операциите поддржани од ОН, таа може поефикасно да ја следи Северна Кореја бидејќи ќе биде ослободена од притисокот од Москва и Пекинг. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан