• недела, 22 декември 2024

Русија ги обвини САД дека сакаат да распоредат оружје во вселената

Русија ги обвини САД дека сакаат да распоредат оружје во вселената

Москва, 21 мај 2024 (МИА) - Руските власти ги обвинија САД дека сакаат да распоредат оружје во вселената, еден ден откако Советот за безбедност на ОН ја отфрли руската предлог-резолуција на оваа тема, и по сличното обвинување од Вашингтон за Москва.

Тие обвинувања и контраобвиненија ги оживуваат стравовите, отсутни уште од Студената војна, за можна трка во вооружување и покрај постоењето на договор за вселената од 1967 година кој повикува „да не се развива нуклеарно оружје или кое било друго оружје за масовно уништување посебно за поставување во орбитата" на планетата Земја.

Портпаролката на руската дипломатија Марија Захарова оцени дека американското отфрлање на предлог-резолуцијата покажува дека САД имаат за цел „да го стават оружјето во вселената и да ја направат арена на воена конфронтација“.

„Пропуштена е нова можност да се спречи трка во вооружување во вселената поради вина на САД и нивните сојузници“, рече Захарова.

Кон крајот на април, САД и Јапонија претставија своја предлог-резолуција до Советот за безбедност на ОН за да се спречи милитаризација на вселената, но Русија стави вето, критикувајќи го фактот дека текстот се фокусира само на еден вид оружје, нуклеарното оружје.

Предлог-резолуцијата претставена вчера од Русија и Кина, која делумно го содржи текстот блокиран во април, исто така ги повикува сите земји-членки да преземат „итни мерки“ засекогаш да го спречат распоредувањето оружје во вселената и заканата или употребата на сила во вселената. 

Сепак, тој предлог не ги собра деветте гласови потребни за усвојување. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан