• петок, 22 ноември 2024

Ролан Гарос забрани алкохол на трибините

Ролан Гарос забрани алкохол на трибините


Париз, 30 мај 2024 (МИА) – Организаторите на Ролан Гарос донесоа забрана за пиење алкохол на трибините, откако навивач го плукна белгискиот тенисер Дејвид Гофин во вторникот.
„Среќни сме што гледаме дека има атмосфера и емоции на трибините, но ќе бидеме бескомпромисни во однос на почитта кон играчите и во однос на почитувањето на играта“, изјави директорката на турнирот и поранешна тенисерка, Амели Моресмо.
Гофин го победи францускиот тенисер Џовани Перикар со 4:6, 6:4, 6:3, 6:7 (4), 6:3, а Белгиецот во текот на дуелот кој траеше три и пол часа беше навредуван од публиката.
Раководството на вториот грен слем турнир сезонава соопшти дека на навивачите, сепак, ќе им биде дозволено да пијат алкохол надвор од теренот и стадионот, но нема да можат да седат со пијалаци на своите места.
Директорот на турнирот најави и дека ќе бидат засилени безбедносните мерки, а судиите добија инструкции да бидат построги со публиката за време на натпреварите. ег ФОТО: Икс

Остани поврзан