• петок, 22 ноември 2024

Донесен Законот за нефер трговски практики, добавувачите и купувачите имаат рок од шест месеци за усогласување

Донесен Законот за нефер трговски практики, добавувачите и купувачите имаат рок од шест месеци за усогласување

Скопје, 14 март 2024 (МИА) - Законот за нефер трговски практики вчера помина на собраниска седница. Неговата примена се очекува да влијае врз намалувањето на цените на земјоделските и прехранбените производи.

Во него се наведени 26 нефер трговски практики кои ќе се уредуваат, а надоместоците кои сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и добавувач и кои влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите, како што вчера појаснија од Министерството за економија, ќе се сметаат за забранета нефер трговска практика.

Со донесувањето на ова законско решение, од Министерството за економија очекуваат да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот за снабдување со храна.

Трошоците на живот во декември во однос на ноември лани се зголемиле за 0,3 проценти, а цените на мало за процент. 

Во законот е наведено процентуално колку може да биде максималниот рабат што можат маркетите да го бараат од производителите и добавувачите кои сега надминуваат над 30 до 40 проценти од цената. 

- Со ова решение е предвидена листа на земјоделски и прехранбени производи каде рабатот ќе биде ограничен на 10 проценти и во склоп на тоа ќе конкурираат меѓу себе ланците на супермаркети што ќе влијае во намалување на цените, информираа од Министерството за економија.

Листата на земјоделски и прехранбени производи треба да биде донесена во рок од три месеци од денот на стапување во сила на законот, а добавувачите и купувачите кои склучиле договори за снабдување на земјоделски и прехранбени производи се должни  во рок од шест месеци да се усогласат со одредбите од законот. 

Законското решение обезбедува и поефикасни контроли и надзор на Комисијата за заштита на конкуренцијата, која за прв пат добива и надлежност да соработува со Европската комисија и телата на земји-членки на ЕУ во постапките за идентификување нефер трговски практики, а особено да разменува информации и искуства за најдобри практики, нови случаи и нови настанати нефер трговски практики, како и мерки за извршување кои се носат во постапка за утврдување нефер трговски практики.

Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, се работи за системско решение кое е донесено за првпат во земјава и кое е во согласност со ЕУ директивите. 

Тој смета дека веќе е воспоставен ред со цените на храната по завршувањето на мерката „гарантирана цена“ откако дел од компаниите најавија дека ќе ги задржат гарантираните цени до 15 мај годинава.

- Тоа се неколку компании и тоа е охрабрување дека сепак наспроти се’ што се случуваше во изминатиот период, кога нема нарушување на ланецот на набавка, дека стопанствениците знаат да бидат општествено одговорни и да не прават притисок кон крајните корисници, изјави вчера вицепремиерот Битиќи по посетата на домашна компанија корисник на Законот за финансиска поддршка на инвестиции.

Минималните трошоци на едно семејство во март изнесувале 50.070 денари, покажуваат податоците на синдикалната потрошувачка кошничка што ја изработува Сојузот на синдикати на Македонија.

По престанување на важноста на мерката за гарантирани цени, Владата апелираше компаниите да бидат општествено одговорни и да не ги зголемуваат енормно цените на прехранбените производи по што дел од маркетите најавија дека ќе ги задржат гарантираните цени до 15 мај годинава. 

Од 20 септември лани до 1 март годинава голем дел од прехранбените производи означени со „гарантирана цена“ се продаваа по цена за 10 денари пониска од износот утврден на 1 август. Мерката за „гарантирани цени“ не беше продолжена затоа што се очекува со Законот за нефер трговски практики да се стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата. бак/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан