На една недела од седницата за уставни измени, власта објави манифест за обединување, за опозицијата е испуштена можност
- На една недела од собраниската седница на чиј дневен ред, како што е најавено, ќе се најдат предлог уставните измени, преписките меѓу власта и опозицијата продолжуваат. И едните и другите со истите непроменети ставови.
Скопје, 10 август 2023 (МИА) – На една недела од собраниската седница на чиј дневен ред, како што е најавено, ќе се најдат предлог уставните измени, преписките меѓу власта и опозицијата продолжуваат. И едните и другите со истите непроменети ставови.
СДСМ заедно со партиите од коалицијата објавија Манифест за преговорите со ЕУ, со кој ги повикуваат сите пратеници да гласаат за уставните измени, што од опозициската ВМРО-ДПМНЕ беше оценето како испуштена можност за постигнување консензус бидејќи им се нуди веќе подготвен документ.
Во меѓувреме, по најавените оставки од ДУИ, и Алијанса за Албанците објави подготвеност да излезат од Влада, доколку ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставните измени.
Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари вчера порача дека се подготвени да ја напуштат Владата, доколку ВМРО-ДПМНЕ тоа го бара за да гласаат за уставните измени.
- Во овој важен период за државата, ако ВМРО-ДПМНЕ кажат дека Алијанса за Албаните треба да излезе од Владата и гласаат за уставни измени, Алијанса не утре, туку денеска целосно ќе ја напушти Владата. Нека кажат, нека направат проширена Влада, нека се изгласаат уставните амандмани, и веднаш одиме на избори, рече Таравари.
Манифестот за преговорите со ЕУ зад кој застанаа СДСМ и сите политички партии од парламентарното мнозинство, портпаролот и пратеник на СДСМ Дарко Каевски, вчера порача дека е добра основа за обединување на европскиот пат и ги повика сите политички партии, а особено ВМРО-ДПМНЕ да дадат поддршка на овој важен документ за европската иднина.
- Мицкоски и ДПМНЕ ја имаат можеби последната шанса да се престројат на страната на државните и националните интереси. Со поддршката на Манифестот и на уставните измени ДПМНЕ и Мицкоски на дело ќе покажат дека се за европската иднина на државата. Во спротивно, ќе покажат дека сите оние декларативни заложби за ЕУ биле само обичен блеф пред граѓаните, пред домашната и меѓународната јавност, изјави Каевски.
По 17 години во чекалната, нагласи Кавески, ги започнавме преговорите со ЕУ, и следно е отворање на првите поглавја за што е потребно усвојување на уставните измени, согласно Преговарачката рамка.
- Време е за глас за Европа во македонското собрание, време е за обединување околу стратешката цел – членство во ЕУ со заштитен и потврден македонски јазик и идентитет, нагласи Каевски.
Во Манифестот, јавно објавен пред неколку дена, е наведено дека политичките партии во Собранието, без разлика од составот на владејачкото мнозинство, се обврзуваат да соработуваат, но и да го водат преговарачкиот процес целосно отворено и транспарентно со цел најшироката јавност да биде во можност да го изрази своето мислење по однос на условите за членство во Европската унија.
-Пред нашата татковина и пред сите нас е историска шанса за продолжување на европскиот пат со глас за Европа во македонското Собрание. Сега треба да се направи чекор напред, да се донесе одлука за усвојување на уставните измени и побрзо членство во ЕУ. Затоа, повикуваме на обединување околу европската иднината на земјата, а усвојувањето овој Манифест е добра основа за чекор напред кон такво обединување. Како што покажавме обединетост и во 2018 година го обезбедивме членството во НАТО, сега повторно да се обединиме и да обезбедиме членство во ЕУ, се порачува во Манифестот.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, со став дека со овој чекор власта уште еднаш ја испушта можноста за консезус бидејќи не биле вклучени во подготовката на документот.
- Со овој чекор власта уште еднаш ја испушта можноста за консезус. Имено седнале Бујар Османи, Артан Груби и можеби Бојан Маричиќ напишале документ кој го насловиле манифест и откако самите го дефинирале го пуштаат во форма на соопштение преку сервисната служба на СДС до јавност со повик ВМРО-ДПМНЕ да прифати веќе напишан документ. Освен тоа што со овој чекор тие признаваат дека не мрднале ниту милиметар во насока на остварување на стратешките интереси на државата, тие покажуваат и отсуство на целосен капацитет за градење на консензус. ВМРО-ДПМНЕ откако официјално ќе го добие тој документ, ако воопшто има основа за разгледување, ќе го изанализира и ќе излезе со свој став, рече завчера портпаролот на партијата Наум Стоилковски на новинарско прашање дали за ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив ваков документ и ваков национален консензус кој што веќе беше побаран од Ковачевски.
Иницијатори на Манифестот, за кој се посочува дека е отворен за широка општествена подршка, се: СДСМ, ДУИ, Алијанса за Албанците (АА), ЛДП, НСДП, ДПА, Партија за движење на Турците (ТХП), Демократска партија на Турците во Македонија (ТДП), ДОМ, ВМРО-НП, Партија на пензионерите (ПП) и Српска странка во Македонија.
Манифестот се промовира на една недела од одржувањето на собраниската седница за уставни измени закажана на 18 август. За отворање на Уставот како прва фаза од процесот на промена на највисокиот државотворен акт, потребно е двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници.аа/са/
Фото: МИА архива