• недела, 18 август 2024

Ретроспективен концерт на „Распеано симитче" на летната сцена во Крива Паланка 

Ретроспективен концерт на „Распеано симитче

Крива Паланка, 18 август 2024 (МИА) - Настапот на младите музички таленти од Крива Паланка на ретроспективното издание на детскиот музички фестивал „Распеано симитче", синоќа го исполни до последно место амфитеатарот на летната сцена во градскиот парк во „Градот на културата за 2024".

Солистите од повеќе изданија на познатиот детски фестивал и хорот „Симитчиња" ја разиграа атмосферата во градот во пресрет на претстојните големи настани од празнувањата во Крива Паланка.

- Солистите и вокалите од хорот беа главни ѕвезди на вечерта, блеснаа под рефлекторите на сцената под отворено небо, донесоа извонредна младешка енергија и ритам во кој весело чукаа и срцата на публиката. Паланчани и присутните гости на градот, присутни во огромен број на настанот кој ја разигра летната вечер, беа одушевени и со бројни аплаузи ги награди ја дечињата, што ја прави и оваа вечер  прекрасна и незаборавна во рамки на манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата" и „Кривопаланечко културно лето", информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

На ретроспективното издание се пееја познати рефрени со модерни аранжмани.

Детскиот музички фестивал „Распеано симитче" е бренд на градот со повеќе од една деценија традиција на одржување што ги обединува авторите, креативците, текстописците, младите таленти од градот и регионот. Најновото издание на фестивалот е закажано за последниот квартал од годинава. ид/дма/

Фото:МИА
 

 

 

Остани поврзан