• недела, 24 ноември 2024

Работоспособно население кое ќе ги финансира пензиите, главен предизвик во иднина

Работоспособно население кое ќе ги финансира пензиите, главен предизвик во иднина

Скопје, 18 август 2024 (МИА) – Исплатата на пензиите претставува сериозен предизвик имајќи го предвид буџетскиот дефицит во Фондот за пензиско и инвалидско осигирување којшто во моментот изнесува над 600 милиони евра, како и трендот на зголемување на бројот на пензионери. Во државава има над 330.000 пензионери, а анализите покажуваат дека сегашните вработени ги финансираат сегашните пензионери, односно придонесите што по однос на пензиско и инвалдиско осигурување се собираат од еден и пол вработен се доволни за да се исплати една пензија. 

Според експертите што ги консултираше МИА, властите мора да преземат мерки со кои ќе се намали дефицитот во Фондот на ПИОМ, како што се зголемување на стапката на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, зголемување на платите, да се престане со праксата за ослободување на фирми од плаќање на придонеси, како и да се избегнуваат ад хок решенија поврзани со зголемување на пензиите.

Финансирањето на Фондот за пензиско и инвалидско осигирување (ПИОМ) се врши по два основа – од придонеси и трансфери од Буџетот. Со реформата спроведена во 2019 и 2020 година придонесите годишно се зголемија за 0,4 проценти, односно од 18 проценти скокнаа на 18,8 проценти со што процентот на средства што доаѓаа од Буџетот се намали на 32,3 проценти.

Бројот на пензионери расте побргу од бројот на вработени

Професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии за МИА вели дека Фондот на ПИОМ ќе мора да се финансира со пари од централниот буџет уште долго време затоа што постојат структурни причини за тоа, но она што може да се направи е да се намали таа „дупка“, за тие пари што сега се даваат од централниот буџет за оваа цел, да се искористат за други работи како градење болници или други важни инфраструктурни проекти. 

- Постојат многу заблуди во јавноста околу пензискиот фонд. Да, тој има „дупка“ од околу 600 милиони евра - приходите на Фондот се околу 1.2 милијарди евра, додека расходите се околу 1,8 милијарди евра, и таа разлика од 600 милиони евра се покрива со трансфер од централниот буџет. Но Фондот нема да пропадне, државата секогаш ќе може да најде пари од други извори за да ги исплаќа пензиите. Но од друга страна, „дупката“ нема ни да исчезне преку ноќ, Фондот ќе мора да се финансира со пари од централниот буџет уште долго време, затоа што постојат структурни причини за тоа, нагласува Јовановиќ во изјава за МИА.

Скопје, 20 јануари 2020

Посочува дека една од причините за „дупката“ во Фондот се и ад хок решенијата за зголемување на пензиите, но и пензиската реформа од 2006 година кога третина од придонесите за пензиско осигурување почнаа да се уплаќаат во приватните пензиски фондови, а пензиите продолжија да се исплаќаат само од државниот буџет. 

- Тоа ги намали приходите на државниот Фонд, но не ги намали расходите, што неминовно води до дефицит. Само за илустрација, во 2005 година, пред реформата, дефицитот беше 130 милиони евра, а сега е 600 милиони евра, односно, пет пати повеќе, вели Јовановиќ.

И постојаното намалување на стапките на придонесите и ослободувањето на разни фирми од придонеси, според Јовановиќ, се причина за намалувањето на приходите на Фондот. Сегашните 18,8 проценти, според него не се доволни. Ако придонесите се зголемат на 24 проценти, според Јовановиќ, може да се намали дефицитот за околу половина.

- Придонесот за пензиско осигурување во 2008 година беше 21 процент, потоа владата на Груевски го намали на 18 проценти, што дополнително ги намали приходите на Фондот. Во времето на Заев придонесот малку се зголеми, на 18.8 проценти, но и тоа не е доволно. Само за споредба, придонесот за пензии во Австрија е 23.9 проценти, во Србија е 24, во Словенија – 24.35, а во Германија – 27.9 проценти. Ако придонесот во Македонија се направи да биде 24 проценти, како што е во Србија, ќе исчезне отприлика пола од „дупката“ во фондот, посочува Јовановиќ за МИА.

Најсериозен проблем, потенцира, е стареењето на населението.

- Бројот на пензионери расте побргу од бројот на вработени. Соодносот на лица постари од 65 години, и лица помеѓу 15-64 години, денес е околу 22 отсто, а на почетокот на 1990-тите беше 12 отсто. Со други зборови, денес има еден „стар“ човек на секој петти работоспособен, додека пред 30 години, тоа беше на секој десетти. Какви и да преземете мерки, и за вработување, и за плати, и за стапката на придонеси, нема да го смените овој факт, вели Јовановиќ.

Марјан Петрески, професор по економија на Универзитетот Американ колеџ, вели дека со реформата на пензискиот систем од 2019 година, која како што оценува, била блага, но значајна, се овозможило да се „прекрши“ дефицитот во ПИОМ, бидејќи во својот пик, некаде 2014-15 година, се доближил до 50 проценти од расходите на ПИОМ да се покриваат од централниот буџет.

- Значи, со реформата се дојде до денешните една третина, што е се’ уште високо, но е со надолен тренд. Секако, еден мал дел од овој дефицит се појавува поради тоа што се’ уште е мал или незначителен бројот на приматели на пензија од вториот столб. Како што повеќе лица се пензионираат, а кои припаѓаат кон тростолбниот систем, така ќе се намалува овој процент понатамошно, вели Петрески за МИА.

И тој е на став дека населението забрзано старее поради намалените стапки на наталитет и масовната емиграција.

- Особено кај емиграцијата, се иселуваа и се’ уште се иселуваат работоспособни лица и нивните семејства, значи и деца. Не се иселуваат лица од пензиско доба. Значи, тоа демографско тектонско поместување го турка на маса прашањето за старосната граница за пензионирање, што ќе донесе понатамошна стабилизација на ПИОМ. И, се разбира, она што го говорев погоре, а тоа е поголемата продуктивност на економијата, наведува Петрески.

Во последните десет години вкупно 74 946 македонски граѓани зеле државјанство во некоја од земјите во Европа. Омилени дестинации се Италија, Швајцарија и Германија, покажуваат податоците на Е

И од бизнис заедницата посочуваат дека со години наназад постои дефицит во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и дека се потребни сериозни реформи на овој план.

- Во 2023 година, трансферите од централниот Буџет кон Фондот изнесуваат повеќе од 90 милијарди денари (речиси 1,47 милијарди евра), во услови на околу 62 милијарди денари приходи по основ на наплата на придонеси од пензиско и инвалидско осигурување. Значи, поради дефицит на средства за исплата на пензии од Фондот, а за да се исплатат пензиите на пензионерите во 2023 година речиси една третина од средствата се обезбедуваат од општи даноци од централниот буџет, по што следува дека за секој трет пензионер средствата се обезбедуваат од општите даноци. Во вакви услови, линеарното зголемување на пензиите долгорочно ќе предизвика дополнителен притисок врз Буџетот и зголемување на социјалните трансфери и трансферите кон Фондот. Потребни се други посериозни реформи со цел обезбедување одржливост на системот и обезбедување на поголема извесност за компаниите,изјавија од Стопанската комора на Северна Македонија за МИА.

Пензионерите кои во октомври го очекуваат најавеното зголемување на пензиите за 2.500 денари и го поздравуваат секое зголемување на пензиите, се согласни дека треба да се води сметка за финансиската стабилност на пензискиот Фонд.

- Како претседател на Здружението на пензионери на Македонија сметам дека секое усогласување, односно зголемување на пензиите е добродојдено за корисниците на пензиите, затоа што преку пензиите се обезбедува материјалната и социјалната положба на секој пензионер. Во врска со најавеното усогласување на пензиите од 5.000 денари тука главната улога и место ги има пензионерот, но треба да се имаат предвид и други битни моменети а тоа е финансиска стабилност на пензискиот Фонд бидејќи е многу значајно да се има доволно средства за редовна исплата на пензиите. Исто така, во контекст на ова, важно е и прашањето за осигурениците кои се вклучени во капитално финансираното пензиско осигурување (вториот пензиски столб), како идни пензионери. И едните и другите би требало да бидат ставени во еднаква правна положба кога станува збор се разбира за пензијата како многу важно животно прашање, вели Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија во изјава за МИА.

Поголеми приходи во Фондот на ПИОМ преку раст на платите и вработените

Очекувањата на новата Влада се дека изворните приходи на Фондот на ПИОМ ќе се зголемат со растот на платите и бројот на вработени. Од Министерството за финансии за МИА велат дека очекувањата се во наредниот период со растот на платите и бројот на вработените да се зголемат изворните приходи на Фондот и тоа да влијае на стабилизирање на состојбата.

Бизнис заедницата, пак, смета дека е потребна промена на параметрите на системот на пензиско и инвалидско осигурување кои долгорочно ќе обезбедат негова одржливост. Од Стопанската комора на Северна Македонија во изјава за МИА потенцираат дека повисоките плати предизвикуваат притисок врз инфлацијата и создаваат очекувања за повисоки пензии, со што се влегува во „маѓепсан круг“.

За стопанствениците, позначајно прашање од износот на плати, во моментот е како во иднина ќе се обезбеди работоспособно население за да се финансираат пензиите на пензионерите.

- Ако се земе предвид дека и во моментов една третина од средствата за исплата на пензии се обезбедуваат од Централниот буџет (кој доминантно се „полни“ од даноци на компаниите и физичките лица), следува дека стапката за придонес за пензиско и инвалидско осигурување која е пропишана на 18 проценти, всушност ефективно е повисока за една третина. Во овој контекст линеарното зголемување на пензиите дополнително ќе ја зголеми оваа „ефективна стапка“, а соочени со ризикот од посериозни потреси во пензискиот систем и континуираниот раст на дефицитот во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување укажуваме на потребата од параметрички реформи, односно промена на параметрите на системот на пензиско и инвалидско осигурување кои долгорочно ќе обезбедат негова одржливост, велат од Стопанската комора на Северна Македонија.

По договорот за зголемување на минималната плата, се погласно се бара зголемување и на останатите плати. Дел од синдикатите излегоа со барање да се почитуваат Законот за минимална плата и кол

Пораката на експертите е дека мора да има мерки од страна на Владата со кои ќе се поддржува растот на платите. Во тој контекст потенцираат дека просечната плата пораснала за околу 30 проценти во реален износ како резултат на покачувањето на минималната плата и на платите во јавниот сектор.

- Не сакам многу да ја фалам претходната влада, затоа што имаа многу грешки, и во економската сфера и надвор од неа, но мора да им се оддаде признание за тоа што го направија во поглед на платите. Просечната плата порасна од околу 22.000 денари на средината на 2017 година, на околу 41.000 сега. Точно е дека и цените многу пораснаа во ова време, ама дури и кога ќе се коригира за нивниот раст, просечната плата порасна за околу 30 проценти во реален износ. Двете мерки кои се покажаа како најефективни за ова беа покачувањето на минималната плата, која беше зголемена од 9.000 денари во 2017 година, на 22.000 сега, и зголемувањето на платите во јавниот сектор. Но на новава влада, за жал, покачувањето на платите се чини дека не ѝ е приоритет. Минималната плата и платите во јавниот сектор воопшто не се ни спомнуваат во изборната програма на ВМРО и во Програмата за работа на Владата, што значи дека може да се очекува забавување на растот на платите во наредниот период, вели професорот Бранимир Јовановиќ.

Професорот Петрески, пак, истакнува дека е потребна поголема продуктивност  за одржливо повисоки плати, кои заедно со порастот на вработеноста ќе обезбедат поголема одржливост и на пензиските финансии.

Платите, констатира Петрески, имаат значаен раст во последните години. Според едно наше истражување, околу 2/3 од притисокот за зголемување на платите дошол од пазарниот притисок, бидејќи пазарот континуирано неколку години се соочува со недостиг од квалификувана работна сила, што пак се создаде и со зголемувањето на вработувањето и со емиграцијата. Остатокот третина од притисокот дошол од владините потези во делот на платите, главно оние ад хок големи зголемувања на минималната плата.

- Значи, погрешно е во Македонија, во оваа фаза од развојот да ставаме силен фокус врз секундарната распределба, преку даноци, минимална плата и сл. Ние сме се’ уште во фаза во која поважно е да создадеме што поголем колач, а за тоа ни е потребна поголема продуктивност, што доаѓа со повеќе образование, повеќе вложување во вештини и работна етика, потоа со инвестиции во физичка опрема, технологија, со иновации, па и со имитации да имплементираме во локалните услови нешто што успеало на друго место. Така да создадеме производи со повисока додадена вредност кои светот ќе сака да ги купи по висока цена, значи извозна ориентираност, бидејќи сме мала економија. Тоа е патот до одржливо повисоки плати, кои заедно со пораст на вработеноста ќе обезбедат поголема одржливост и на пензиските финансии, наведува Петрески.
 
Фондот на ПИОМ на 27 февруари по седницата на Управниот одбор на која беше усвоена завршната сметка објави дека годината ја завршил со позитивен финансиски тренд. Во информацијата објавена на веб страницата на Фондот, стои дека сите показатели се во насока на подобрување и трендот и во 2024 година.

- На седницата, Управниот одбор изрази големо задоволство од постигнатите резултати, успешното планирање, менаџирање и реализација на приходите и расходите од страна на Фондот на ПИОСМ, со што е обезбедено стабилно финансиско работење во спроведувањето на основната функција на Фондот за редовна и навремена исплата на пензиите, објави Фондот на ПИОМ.
 
Со реформата од пред 18 години, пензискиот систем  покрај од задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност (прв столб) е составен и од задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб), како и доброволно капитално финансирано пензиско осигурување (трет столб).  Моментно три пензиски друштва управуваат со по еден задолжителен и со по еден доброволен пензиски фонд и едно пензиско друштво управува само со доброволен пензиски фонд.

Функционирањето на тростолбниот систем како прашање се отвори во предизборието, но се уште нема информации какви промени би се направиле. Препораките на експертите се евентуалните чекори за промени да се темелат на независна робустна квантитативна анализа, базирана на симулациски пресметки, која треба да покаже што е користа, а што трошокот од едниот а што од другиот систем.

- Не сум најпрецизно запознаен што предвидуваат. Ако се однесува на укинување на тростолбниот систем и враќање кон едностолбен – државен систем, тогаш тоа на прв поглед ми личи на нагла промена во системот од огромни размери. На втор поглед, треба да се направи независна робустна квантитативна анализа, базирана на симулациски пресметки, која треба да покаже што е користа, а што трошокот од едниот, а што од другиот систем и особено, што тоа ќе значи за лицата кои ќе се најдат на премин, односно кои биле на чекор да го ползуваат сегашниот систем но тој се укинува. Такви промени „од ракав“, затоа што некој мисли дека сегашниот систем не е добар, или затоа што некое друго решение било подобро во некој друг систем, ми изгледа најблаго речено несериозно, вели професорот Петрески.

Според податоците на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) во текот на 2023 година вкупните средства на задолжителните пензиски фондови забележале раст од 19,08 проценти и достигнале 135,21 милијарда денари, а вкупните средства на доброволните пензиски фондови се зголемиле за 17,46 проценти и достигнале 3,59 милијарди денари. Учеството на вкупните средства на пензиските фондови во вториот и во третиот столб во БДП пораснал и надминал 16,51 процент за 2023 година.

Податоците на МАПАС покажуваат дека лани продолжил да се зголемува  опфатот на населението во вториот столб и достигнал учество од 75 проценти во вкупното активно население. Иако бележи раст од околу седум проценти на годишно ниво учеството на населението во третиот столб е се уште многу мало, односно околу четири проценти од вкупното активно население во државава се членови со доброволна индивидуална сметка и учесници во пензиска шема со професионална сметка во доброволен пензиски фонд.

Вкупниот број членови и времено распределни осигуреници во задолжитените пензиски фондови заклучно со крајот на 2023 година изнесува 593 023, што е зголемување за 20.929 или за околу  3,66 проценти во споредба со 2022 година. Од вкупниот број членови во вториот столб, 61 910 или 10 проценти се доброволни членови додека 531 114 или 90 проценти се  задолжителни членови.

Податокот на Фондот на ПИОСМ за бројот на осигуреници покажува дека заклучно со крајот на минатата година вкупиот број на членови во задолжитените пензиски фондови е поголем од вкупниот број на осигуреници во овој Фонд.

Во задолжителните пензиски фондови лани биле пренесени придонеси во износ од 13,43 милијарди денари што претставува 1,60 проценти од БДП на државата. Вупниот износ на платени придонеси во задолжителните пензиски фондови во 2023 година пораснал за 20,39 проценти во однос на вкупниот износ на уплатен по тој основ во 2022 година.

Лани повеќе од 60  проценти од средствата на задолжитените пензиски фондови припаѓале на државните хартии од вредност. По сектори повеќе од четвртина од средствата на трите пензиски фондови се вложувања во инструменти од издавачи/акцонерски друштва од финансискиот сектор. Вкупните нето средства на задолжителните пензиски фондови на 31 декември лани изнесувале 135,21 милијарда денари или околу 2,20 милијарди евра  или 16,08 проценти од БДП на државава.

Согласно со Законот за пензиско и инвалидско осигурување (член 115 и 116) Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, на корисник на пензија со негова согласност, м

Во 2023 година биле остварени 98 инвалидски пензии и 198 семејни пензии од страна на членови на вториот столб односно членови на семејство на починат член, поради што нивните акумулирани средства биле пренесени во Фондот на ПИОМ, од каде се исплаќа инвалидската, односно семејната пензија. Минатата година  за 18 членови на вториот столб започнала да се исплаќа старосна пензија од втор столб преку програмирани повлекувања. Исто така за член на семејство на еден починат член кој оставрил право на семејна пензија почнале да се исплаќаат привремени програмирани повекувања, а се исплаќала старосна пензија за втор столб како програмирани повекувања за вкупно 44 пензионирани членови.

Инвестициското портфолио на задолжителните пензиски фондови во  2023 година се состои од домашни инвестиции од кои државни хартии од вредност - 63,97  проценти, депозити - 2,73 проценти, акции - 1,97 проценти, удели во инвестициски фондови - 0,19 проценти и корпоративни обврзници - 0,02 проценти, како и инвестиции во странство кои вклучуваат инвестиции во странски државни обврзници - 0,64 проценти, краткорочни хартии од вредност - 0,21 процент, корпоративни обврзници - 0,8 проценти, .....

Во доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, пак, на крајот на минатата година имало 31.500 членови или 1900 повеќе во споредба со 2022 година, што е пораст на членството за 6,77 проценти. Од вкупниот број членови во третиот столб 15 379 или 49 проценти се членови со доброволна индивидуална сметка, а 16 111  или 31 процент се учесници во пензиска шема со професионална сметка. Само 2,1 процент од вкупното работоспособно население во државава се членови  на третиот столб. Вкупните нето средства во доброволните пензиски фондови заклучно со лани изесуваа 3,59 милијарди  денари или околу 58,29 милиони евра што е 0,43 проценти од БДП. Од третот столб лани биле остварени 359 пензиски надоместоци  и исплати.

Споредбата со државите кои имаат слични пензиски системи покажува дека имаме сличности, но и разлики во инвестициските портфолија на доброволните пензиски  фондови.

Доколку портфолијата на доброволните пензиски фондови се разгледаат по инструменти може да се забележи дека пензиските фондови кај сите земји имаат најголема изложеност во обврзници и во други хартии од вредност  за кои гарантираат државата или локалната власт. Во Романија 67 проценти, во Северна Македонија 57 проценти, во Хрватска 52 проценти, во Бугарија 49 проценти. Изложеноста во банкарските депозити е најголема кај нас и во Хрватска и изнесува шест проценти, во Романија и Бугарија изнесува околу  еден процент. Во однос на вложувањата во акции и удели, најголем процент од средствата во акции и удели се вложени кај пензиските фондови во Бугарија, 38 проценти, Македонија и Хрватска, 35  проценти, и во Романија 27 проценти. Пензиските фондови вложувале и во корпоративни обврзници, односно 5 проценти пензиските фондови во Бугарија, четири проценти во Романија и три проценти во Хрватска. Во споредба со пензиските фондови во другите земји, учеството на инвестиците во корпоративни обврзници кај пензиските фондови во државава е помало и изнесува еден процент. Само во Бугарија пензиските фондови вложувале во недвижен имот, а во другите држави најчесто овој инструмент и не е дозволен. Во однос на инвестирањето во странство, пензиските фондови во земјава имаат најголема изложеност во странски инвестиции со 30 проценти, а потоа следуваат пензиските фондови во Хрватска со 20 проценти и Романија со 10 проценти.

Просечната пензија под 60 проценти од износот на нето-платата 

Податоците на Фондот за ПИОМ покажуват дека во јуни годинава пензија во државава примиле 341 146 лице.  Од нив, корисници на семејна пензија се 74.336, на инвалидска 26.231, а на старосна  239 783.

Просечната пензија изнесувала 21.241 денар и е под 60 проценти од износот на нето-платата 41 252 денари.

Кај семејните пензии просечниот износ на примањата на пензионерите е 16.709 денари, кај инвалидиските 18.830 денари, кај старосните 22.884 денари.

Наспроти највисоката посечна воена пензија која изнесувала 29.910 денари, најмалата просечна пензија била земјоделската со износ од 10.939 денари. Највисока пензија во износ од 80.280 денари примаат 27 лица. Станува збор за една семејна и 26 старосни пензии. 

Со последното усогласување на 1 март годинава пензиите беа зголемени за 5,3 проценти. 

Билјана Анастасова-Костиќ

Лидија Велковска

Видео и монтажа: Владо Рабасовиќ

Фото: МИА архива

Изработено во соработка со Институтот за комуникациски студии за поголема транспаретност и отчетност во областа на финансиите

Остани поврзан