• понеделник, 23 декември 2024

Путин: Русија и Северна Кореја ќе потпишат „фундаментален“ документ за продлабочување на соработката

Путин: Русија и Северна Кореја ќе потпишат „фундаментален“ документ за продлабочување на соработката

Пјонгјанг, 19 јуни 2024 (МИА) - Рускиот претседател Владимир Путин на почетокот на неговите разговори со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во Пјонгјанг рече дека двете земји ќе потпишат, како што рече, „фундаментален“ документ кој ќе го означи текот на односите меѓу Москва и Пјонгјанг, пренесоа агенциите.

-Подготвен е документ кој ќе ја формира основата на нашите односи во следните децении, рече рускиот лидер, истакнувајќи дека Русија и Северна Кореја постигнале „голем напредок“ во зајакнувањето на билатералните врски како резултат на посетата на севернокорејскиот лидер во Русија минатата година.

Путин упати и покана до Ким да ја посети Москва.

-Мило ми е што повторно се среќаваме. Се надевам дека нашата следна средба ќе биде во Русија, во Москва, му се обрати рускиот претседател на севернокорејскиот лидер. 

Путин двапати беше домаќин на Ким во Русија. Ова се случи за време на двете посети на севернокорејскиот лидер на рускиот Далечен Исток во април 2019 и септември 2023 година.

Севернокорејскиот лидер Ким, пак, му рекол на Путин дека има намера дополнително да ги зајакне врските со Русија

-Пјонгјанг има намера дополнително да ја зајакне стратешката соработка со Москва, пренесоа руските агенции, повикувајќи се на зборовите на севернокорејскиот лидер Ким.

„Меѓународната ситуација станува комплицирана и брзо се менува“, рече Ким. 

Севернокорејскиот лидер додаде дека неговата земја „ја цени“ улогата на Москва во одржувањето на стратешката рамнотежа на силите во светот и изрази поддршка за акциите на Русија во Украина.

Севернокорејскиот лидер додаде дека руско-севернокорејските односи влегле во период на нов просперитет, кој не може да се спореди ниту со периодот на односите меѓу СССР и КНДР од минатиот век. мс/

фото: ДПА

Остани поврзан