• недела, 17 ноември 2024

Путин одобри нови ограничувања за медиумите пред претседателските избори во земјата

Путин одобри нови ограничувања за медиумите пред претседателските избори во земјата

Москва, 14 ноември 2023 (МИА) - Рускиот претседател Владимир Путин ги одобри измените на законот со кој се контролираат претседателските избори и најави нови ограничувања за медиумите, јавија американските медиуми, цитирајќи локални руски агенции.

Промените се воведени пред претседателските избори во Руската Федерација во март 2024 година, на кои се очекува Путин, кој ја раководи Русија веќе 24 години, да освои уште еден шестгодишен мандат. 

Актуелниот 71-годишен претседател се уште не се изјаснил дали ќе влезе во нова претседателска трка, а само има кажано дека својата одлука ќе ја објави откако парламентот ќе го одреди датумот за изборите.

Според измените на законот што тој ги одобри, само новинарите кои имаат легални договори со регистрирани медиуми ќе смеат да известуваат за состаноците на изборните комисии, што значи дека независните новинари или хонорарците нема да можат да го прават тоа.

Меѓу измените е и забраната за покривање на дејствијата на комисијата за воени теми, како и нивно покривање во области каде што е прогласена воена состојба, без претходна дозвола од локалните и воените власти.

Покрај тоа, измените забрануваат водење кампања во „блокирани ресурси“. Под силен притисок против опозицијата и истекувањето информации, Русија забрани голем број сајтови и социјални мрежи, вклучувајќи ги Фејсбук и Инстаграм, иако многу луѓе користат Ви-Пи-Ен (VPN) за да ја заобиколат забраната. сд/

фото: МИА архива

Остани поврзан