• петок, 20 декември 2024

Думани: Нашата мисија е да го спроведуваме законот иако се соочуваме со закани, за пет години конфискувавме имот вреден 182 милиони евра

Думани: Нашата мисија е да го спроведуваме законот иако се соочуваме со закани, за пет години конфискувавме имот вреден 182 милиони евра

Тирана, 19 декември 2024 (МИА) - Првиот човек на албанското Специјално обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, Алтин Думани, во своето излагање на свеченоста по повод 5-годишнината од формирањето на институцијата, рече дека обвинителството покажало дека се оспорува корупцијата, дека мисијата на СПАК не е да казнува, туку да го спроведува законот.

-Пред пет години албанското општество одлучи самоуверено да преземе одлучувачки чекор во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Специјалното обвинителство е создадено за да покаже дека сите се еднакви пред законот и никој не може да биде привилегиран со него. Се соочуваме со обиди за поткопување на нашата работа, со навреди, клевети и закани кон нас или нашите семејства, но останавме единствени и имуни на сето тоа и продолжуваме со нашата мисија, рече тој.
Меѓу другото се задржа и на прашањето со конфискуваниот имот стекнат од криминални активности.

-СПАК заплени и одзеде над 182 милиони евра имот, стекнат на незаконски начин. Правдата не познава страни и нема неказнивост  ако се прекршат законите на оваа држава. За корупција се гонети 61 висок функционер, од кои 70 отсто се испратени на судење. Што се однесува до организираниот криминал, кривично се гонети 955 лица, од кои 55 отсто се испратени на судење. Во областа на тероризмот кривично се гонети 29 лица, од кои 100% се испратени на судење. Во овие пет години казнуваме високи функционери на сите нивоа и покажавме дека никој не е над законот, нагласи Думани.

Горди сме, додаде,  на нашиот придонес за олеснување на интеграцијата на Албанија во европското семејство, истовремено одржувајќи ги европските стандарди за спроведување на законот. Нашата мисија не завршува со следното досие. Овде сме да гарантираме силен правосуден систем, каде што се применува законот и не е привилегија за некои, а страдање за други.
-Ја изразувам мојата благодарност до нашите меѓународни партнери, особено САД и Европската Унија, кои стојат рамо до рамо со нас, овозможувајќи проширување на соработката и зголемување на размената на информации за нашите заеднички истраги. Корупцијата и криминалот не можат да исчезнат преку ноќ. Но, пред секоја закана и тешкотија, ние стоиме обединети, со непоколеблив професионален и личен интегритет. Нашиот заеднички стремеж е да имаме силен правосуден систем кој им служи на сите подеднакво, нагласи тој.

Според него „ако некој мисли дека правдата е еднострана, греши. Ние постапуваме според законот и почитувајќи ги човековите права. Во овие пет години научивме дека нашиот пат е предизвик, но е и витална задача за иднината на генерациите што доаѓаат“. вт/

Фото: СПАК

Остани поврзан