Даријан Петров за МИА: Сите го критикуваме системот, но забораваме дека сме дел од него и имаме лична одговорност
- Даријан Петров, млад актер во штипскиот Народен Театар, го доби специјалното признание за најдобар млад актер на 31. издание на Фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица. Наградата за Даријан била неочекувана, но како што вели во разговорот за МИА, се израдувал искрено и ја гледа како поттик да го покажува својот талент на штиците што живот значат.
Штип, 4 ноември 2023 (МИА) - Даријан Петров, млад актер во штипскиот Народен Театар, го доби специјалното признание за најдобар млад актер на 31. издание на Фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица. Наградата за Даријан била неочекувана, но како што вели во разговорот за МИА, се израдувал искрено и ја гледа како поттик да го покажува својот талент на штиците што живот значат.
-Наградата ја гледам како поттик, да продолжам во насока, во којашто сум почнал - професионалност, етика и да продолжам во некоја насока на креирање и творење во матичниот театар во којшто сум вработен. Наградата ја гледам и некако метафорично, како оружје за зачувување на културниот идентитет, наш македонски. Тоа во последно време ми е како идеја и на самиот себе си го повторувам дека ваквите награди, ваквите признанија треба да ги гледаме и како поттик за да продолжиме, а не да се идентификуваме со суетата и егото што ја носи наградата, вели Петров.
Овој млад актер, театарот го гледа како институција, која треба да го штити културниот идентитет. Даријан, наградата на овој реномиран фестивал ја доби за улогата во театарската претстава „Роденден“ на Народниот театар Штип (НТШ). Ликот на сцената е крајно негативен, а како што вели Даријан, си дозволил преку него да ги извади сите емоции и фрустрации канализирани во ликот Бермонт Мекен.
-Под режисерката палка на Виктор Христов навистина имавме преубав процес и можеби еден од моите најубави процеси во скромната театарска кариера. Мислам дека самиот процес и ликот ми даде на некој начин сигурност во професијата. Но, и поголема приватна сигурност, вели Петров.
Тој во изминатата година со актерите од Народниот театар-Штип на сцената работеа со реноминари македонски режисери, а еден од тие проекти е „Демонот од Дебар Маало“ текст на Горан Стефановски, режијата на Наташа Поплавска. Претставата е динамична,а режисерката од актерите бараше да го покажат својот талент, енергија на сцената. Даријан за оваа претстава вели дека имале одличен процес со Поплавска и на сцената биле поголема екипа, за разлика од претходната претстава „Роденден“.
-Тоа го подготвуваме ова лето, од почетокот до средината на летото. Искрено, јас во некои моменти уживав многу во процесот и немав толку доминатна улога, но немав ниту мала, се посветив онолку колку што треба и можев. Така што мислам дека претставата како продукт излезе доста солидно. Искрено она што го играв е многу актуелно со сите случувања што ни се случуваат во државата и некако, за разлика од ликот Мекен, ова беше многу поблиско до мене, вели Петров.
Даријан една година е ангажиран во штипскиот Народен Театар и како секој млад актер нема сигурност за неговото работно место. Договорот на определено работно време го потпишува на една година. Во ваква ситуација се над 100 млади актери, Даријан вели дека решението му е до крајот на годината, а за ситуацијата на младите актери не обвинува никој.
- Мислам дека генерално ова не е само во културата. Системот би рекол ни е во некоја апатичност и неажурност. Меѓутоа сите ние го критикуваме системот, како индивидуалци, но исто така забораваме дека ние сме дел од системот и сите имаме лична одговорност за тој систем. И јас сум еден од оние кои пред неколку години го критикуваа системот, но не сум дал максимум од себе, за да делувам во промена на системот. Сега сум детерминиран дека тоа е единствениот начин, за да останиме, ние како млади, вели Петров.
Во разговорот во прес-центарот на МИА во Штип, младиот актер Петров вели дека секој млад човек треба да одлучи да остане во својата матична земја, но притоа да не го совладаат личните фрустрации од системот. Смета дека секој млад човек треба да се бори против структурата на системот, но и како што вели на некој начин и против самиот себе си, да се победи негативизмот.
Прашан колку македонските театри им даваат шанса на младите актери, Даријан со став дека им се дава шанса да го покажат својот талент, но како што вели, младите треба да се стремат кон подобар квалитет во животот, подобро образование и култура.
-Културата е еден од темелите и е во први борбени редови за заштита на културниот идентитет. Во нашиот случај, заштита на културниот македонски идентитет и тоа не треба да го забораваме и ние како актери. Но, и секој еден вработен во Министерството за култура треба да стартува од тој порив дека е медиум, кратко време на позиција и еве јас животот го гледам кратко време на позиција. Смртниот живот е кратка позиција, потенцира Петров.
Според него, публиката е таа која знае да ги награди актерите и сите кои се вклучени во претставата со аплауз, а конкретно во Штип, публиката доаѓа со страст во театарот и бара карта повеќе.
-Народот е свесен, чита доста, бара квалитет, не и се така црно-бело. Така што има публика и треба да се стремиме кон подобро, подобри времиња и вредности, да не застанеме на ова ниво. Но, и не е како што било во некои златни времиња на театарот, имало подобри времиња и исто квалитет на живот, вели Петров.
Петров е ангажиран и во претставата во режија на Љупчо Георгиевски-Бубе од Народниот театар во Битола, а очекува кон средина на овој месец да биде и премиерата. Овој млад актер, кариерата ја започнал во Народниот театар во Велес во 2016 година, потоа продолжува во Театар комедија во Скопје, а од 2022 година е во Народен театар-Штип.
Викторија Димитрова
Фото: Борис Куноски