• понеделник, 23 декември 2024

Професијата негувател на стари и немоќни лица сè повеќе барана на пазарот на труд

Професијата негувател на стари и немоќни лица сè повеќе барана на пазарот на труд

Куманово, 14 април 2024 (МИА) - „Се бара жена за чување на старо лице“, „се бара жена за чување на старо лица од 85 години“, се дел од огласите што сè почесто можат да се видат на социјалните мрежи. Населението во државава старее што покажа и пописот, а ништо поразлично не ниту во Куманово. Истражувањата на граѓанските организации покажуваат дека во најголемата општина во државата има сериозна потреба од асистенти кои пружаат психосоцијална поддршка, помош во борба против осаменоста, грижа за безбедноста на корисникот и помош во извршување на основните секојдневни активности, од пазарување до посета на лекар.

Од кумановскиот црвен крст ја препознаа потребата и веќе обучуваат втора група негуватели на стари и немоќни лица.

- Претходната година се лиценциравме, потпишавме управен договор и започнавме со спроведување на услугата. Досега имаме девет корисници опслужени од тројца негуватели, меѓутоа по завршување на обуката планираме да ја прошириме услугата затоа што ќе имаме 14 нови обучени негуватели, изјави Ива Младеновска, секретар на општинската организација.

Таа информира дека со одлука на раководен одбор се организира обука за негувател/ка за помош и нега на стари лица во домот за учесници од Куманово која почна од почетокот на март и се спроведува во три модули по претходно дадени теми и трае два месеци. Обуките ги држат обучени предавачи и социјален работник, медицинска сестра и доктор. Освен теоретски дел, негувателите посетуваат и практичен дел што се реализира во Домот за стари лица „Зафир Сајто“.

Една од нив е и негувателката Виолета Кузмановска, која веќе од први март е негувател на старо и немоќно лице.

-Навистина има голема побарувачка за помош и поддршка на старите лица, децата се зафатени со работа, такво е времето. Мојот ден е исполнет, пиеме кафе со корисникот, готвам ручек, пазарувам, се дружиме. разговараме. Одиме на прошетки, понекогаш помагам за набавка на намирници и лекови. Исполнет ми е денот, а секако и на моите корисници. Ме исполнува и си ја сакам работата вели, Кузмановска.

Оние кои ќе ја завршат обуката се обврзани една година да работат со црвен крст. Семејствата кои ангажираат негуватели во домашни услови одвојуваат од 15 до 20.000 денари во зависност од часовите и услугите кои ги пружа негувателот.

-Работам осум часа дневно, мајка ми е со скршен колк. Нема кој да се грижи за неа додека сум на работа. Во приватните домови е прескапо. Одлучива да ангажирам жена за тие осум часа. задоволна сум од негата, вели 51 годишна кумановка која ангажирала негувател во домашни услови.


Во Куманово функционира дом за стари лица, општината нуди поддршка за негуватели

Месечен износ за сместување во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ е 16.000,00 денари, информираат од единствениот старски дом во североистокот. Оттаму додаваат дека ова е една од најниските цени во државата.

- Вкупен капацитет на Домот е 175 корисници поделени во 82 соби. Во однос на проширување на капацитети и број на легла во Домот можам да кажам дека „Зафир Сајто“ уште кога е граден е планиран за сместување на корисници од Куманово и околните Крива Паланка и Кратово. Куманово нема потреба од нов дом вели директорот на установата, Дејан Стојановски.

Општина Куманово меѓу петте социјални услуги кои ги спроведува во рамки на социјалната програма, лани обезбеди три милиони денари за целокупната социјална поддршка, меѓу нив и за помош и поддршка на стари лица во домашни услови.

Годинава, постапката за финансиска поддршка на здруженија за вршење работи од социјална заштита е ставена во мирување поради изборниот процес, а од буџетот на Општина Куманово се обезбедени средства во висина од четири милиони денари, изјави раководителот на секторот за социјална заштита, Александар Крстевски.

Општината нуди поддршка за обучени лица за давање помош и нега на стари лица преку Црвен крст од кои обучени лица за давање помош и нега за стари лица преку Црвен крст е 35, за лични асистенти, а за негуватели 41 лице.

Крстевски вели дека досега аплицирале на проекти за адаптација, проширување, реновирање на домот за стари лица, но одговорот од МТСП секогаш бил негативен.


Во две општини од североистокот ќе се градат старски домови

Општините Куманово, Кратово и Крива Паланка од североисточниот регион конкурирале на неодамнешниот јавен повик за изградба, проширување, реконструкција и адаптација на капацитетите за дневно згрижување и капацитети за давање на социјална услуга на корисници на социјална заштита, поддржан од Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Проектот на општина Куманово за реконструкција на домот не е рангиран, додека проектите на двете општини, Кратово и Крива Паланка чекаат на корекција и комплетирање на проектна документација.

Општина Куманово поднела апликација за реконструкција односно реновирање на ЈОУ-Дом за стари лица „Зафир Сајто“ – Куманово и од причина што со реконструкцијата не е предвидено зголемување на капацитетот во домот и не претставува капитална инвестиција, не е рангирана, за што општината добила известување. Општина Кратово поднела апликација за реконструкција и адаптација на друг соодветен простор во дом за стари лица.

- Во поднесеното барање е наведено дека потребната документација – основен проект, одобрение за градење и ревидентски извештај, ќе бидат дополнително доставени (кои сè уште не се доставени), но претставници од Министерството излегоа на терен, дадени се забелешки и во моментов се работи на корекции на проектот. Видно од имотниот лист, земјиштето не е во сопственост на општина Кратово, односно не е дадено на трајно или времено користење на општината и од тие причини апликацијата ќе биде разгледувана дополнително кога ќе биде доставена потребната документација, како и чист имотен лист. Општина Крива Паланка има доставено апликација за реконструкција, адаптација и пренамена на УД „Боро Менков“ во Јавна општинска установа за вон-семејна социјална заштита на стари лица во КО Крива Паланка и во завршна фаза е комплетирање на проектна документација, како и постапката за промена на имотниот лист е во тек, односно општина Крива Паланка од страна на Владата на РСМ, треба да добие право на трајно користење на објектот 1 и 2, велат од МТСП.

Државата сè повеќе старее, а со тоа се зголемуваат потребите за посеопфатна грижа за старите лица. Проблемот е актуелен во земјите од Европа, каде исто како и кај нас границата меѓу бројот на стари и млади сè повеќе се намалува.

- Оваа популација поради своето значење и несомнениот придонес во минатиот развој на земјата не треба да биде третирана како товар на општеството, туку како негов составен дел. Дотолку повеќе што според процените на Обединети нации, кај нас населението над 65 години до 2030 година ќе достигне 18,8 отсто, но е реално да се очекува да биде и над 20 отсто, велат од МТСП.

Оттаму предлагаат посебен приоритет да се даде на поведување интензивна соработка со владини и локални претставници за изградба на домови за стари лица и за пензионери на државно и регионално ниво.

- Треба се има предвид и податокот дека според европските стандарди, од вкупниот број стари лица пет проценти треба да имаат можност за сместување во државни старечки и пензионерски домови. Кај нас сме многу далеку од овие стандарди, бидејќи засега ваквите капацитети овозможуваат сместување само на 0,50 отсто. Поради тоа, голем број стари лица со години чекаат да го најдат потребниот мир во ваквите домови. За ублажување на овој проблем треба да се размислува и за воведување на субвенции за намалување на високите цени за сместување во приватни домови за згрижување на стари лица, велат од министерството.

МТСП потврдува дека во земјава националните институционални капацитети не се доволни за да одговорат на зголемената потреба од институционална грижа за старите лица. Во последните години иницијативите за изградба на приватни старски домови растат, но заради високата цена на услугите тие се недостапни за голем број на стари луѓе со минимална пензија и приходи.

- Министерството за труд и социјална политика заедно со локалната заедница интензивно работи на развивање на социјални услуги кои ќе ги следат индивидуалните потреби на крајните корисници. Законот за социјална заштита предвидува унапредување и развивање на социјалните услуги кои ќе се обезбедуваат во домот на корисникот, во заедницата и вон семејството, како и иновативни и интервентни социјални услуги, велат од МТСП.

Како социјални услуги кои се даваат во домот на корисникот се услугите за лична асистенција и помош и нега во домот кои се испорачуваат преку сертифицирани негуватели и лични асистенти. Услугите ги спорачуваат даватели на услуги кои ги исполнуваат нормативите и критериумите утврдени во подзаконските акти кои ја поминале постапката за лиценцирање пред Комисијата за лиценцирање на даватели на социјални услуги при МТСП. Со одлуката за утврдување на цената на социјалните услуги е определена висината на цената на секоја услуга која се исплатува на давателите на услугите согласно добиената дозвола за работа и врз основа на склучен договор со Министерството.

 

АВРСМ со мерки за креирање кадар-негуватели

Недостиг од негуватели веќе има. Центарот за вработување ја нуди мерката обука и вработување на лица за обезбедување на грижа во заедницата. Крајни корисници на оваа мерка беа лицата со попреченост и лица со хронична болест. Мерката согласно потребите на пазар на труд се модифицираше и во 2023 година преку оваа мерка беше предвидено да се обучат и вработат невработени лица-активни баратели на работа кои ќе испорачуваат услуги за нега и грижа меѓу другите категории и на стари и изнемоштени лица.

- Конкретно во Центарот за вработување Куманово оваа мерка, лани покажа резултат, односно 15 невработени лица се обучија и се сертифицираа за пружање на услуги за нега и грижа во заедницата за стари и изнемоштени лица. Од овие 15 лица, десет обучени лица се вработија кај работодавецот Здружение „Прогрес-23“ од село Матејче и веќе ги испорачуваат своите услуги кај старите лица во липковско. Поддршката на оваа мерка не е само во делот на обука, туку продолжува и понатаму преку субвенционирање на плати во период од десет месеци на работодавецот за лицата кои се вработени кај него преку оваа мерка, изјави раководителката на Центарот, Марија Димитријевска.

Тука е и мерката, обука за побарувани занимања на пазарот на труд преку која невработени добиваат месечен надоместок од 11.000 денари, спроведувачите на обуката 30.000 денари за обучено лице.

- Би сакала да ја искористам оваа прилика и да апелирам до локалните работодавци да се вклучат како провајдери за оваа мерка, што претходно бара да се верификуваат како провајдери преку ЦОВ и МОН. Оваа мерка е доста добар начин за креирање не само за ваков кадар (негуватели на стари и немоќни лица) туку и на било како кадар согласно потребите на пазарот на труд односно работодавците, повика Димитријевска.

Негувателите не само што помагаат во извршување на секојдневните активности. Тие се и важен чинител која пружа психосоцијална поддршка и помош во борба против осаменоста. Куманово има поддршка од сервиси за поддршка на стари лица во вид на дневни центри за поддршка, социјализација, физиотерапија, музикотерапија и слично. Во Куманово нема дневни центри за активно стареење. Меѓу барањата кои ги имаат семејствата се и барања за геријатриски случаи, но недостигот на сместувачките капацитети ги става под притисок постоечките институции да згрижуваат лица кои не се соодветни. Потребни се и мали групни домови за различни ранливи групи кои би нуделе 24 часовна поддршка.

Александра Максимовска

Фото: МИА
 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан