• сабота, 21 декември 2024

Протест на вработените во „Македонски пошти“ во Охрид заради неисплатени плати

Протест на вработените во „Македонски пошти“ во Охрид заради неисплатени плати

Охрид, 18 март 2024 (МИА) – Вработените во Подружницата на „Македонски пошти“ во Охрид денеска во периодот од осум до десет часот протестираа поради ненавремената исплата на платите за минатиот месец, како и за решение на состојбите во претпријатието.

Претставникот на Синдикатот на „Македонски пошти“ во Охрид, Тони Матески, посочи на проблемот со исплатата на месечните примања за вработените, дека е надминат рокот за исплата.

„Законскиот рок за исплата на плати е 15-ти во месецот, а сега сме веќе 18-ти. Тоа е основното брање, но исто така сме загрижени и поради состојбата во која се наоѓа нашата компанија. Имено се соочува со уште подлабока криза, пред се финансиска, криза со вработени во технолошкиот процес што дополнително ја усложнува ситуацијата и создава дополнителна несигурност на вработените за својата егзистенција“, вели Матески.

Како што рече, синдикалните претставници оствариле средби со генералниот директор, но независно ветувањата се уште не се исплатени месечните примања.

„Да не разговраме за понатамошните активности кои треба да следат кои и досега требаа да следат, за конечна реорганизација и реформи на компанијата и конечна стабилизација на друштвото. Во претходниот период, синдикалните организации имаа и договори и спогодби и согласно на истите беа донесени заклучоци чие спроведување ќе значеше стабилизација и подобрување на состојбите во друштвото. Но, до ден денес многу се мали или воопшто ги нема позитивните резултати. Напротив имаме продлабочување на кризата, пред се поради лоштата кадровска политика на менаџерскиот тим, што значи дека спротивно на тие заложби кои формално беа дадени од нивна страна, реалноста на состојбите е комплетно спротивна“, вели Матески.

Вработените во Филијалата на „Македонски пошти“ во Охрид посочуваат дека јавноста ќе биде дополнително известена за тоа какви ќе бидат следните чекори и дали ќе се продолжи со протест или ќе се отпочне постапка за штрајк. аб/цр

Фото: МИА

 

Остани поврзан