• понеделник, 23 декември 2024

Промовиран романот „Децата на Амон“ од Робертина Ал - Ашури

Промовиран романот „Децата на Амон“ од Робертина Ал - Ашури
Охрид, 24 јуни 2022 (МИА) – Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид вечерва беше промовиран романот „Децата на Амон“ од Робертина Ал Ашури, во издание на ПНВ Публикации. Преку романот на Ал Ашури, читателска публика, според Рубин Земон, еден од промоторите, прв пат ќе се запознае со една димензија на македонското општество, од перспектива на припадничка на Египќаните, мала заедница, која се борела и сѐ уште се бори за интеграција во општеството. - Романот се занимава токму се еден таков случај во Охрид. Но, низ текстот можат да се препознаат и други слични случки во други градови и со припадници на други заедници. Се преплетуваат неколку многу важни теми: љубов, идентитет, стереотипи, предрасуди, поделено општество, етноцентризам, расизам, родови прашања, појасни Земун. Токму таквата испреплетеност, нагласи, прави книгата да ја прочитате „во еден здив“ и поттикне и провоцира длабоко да размислувате за сите тие теми и прашања во нашето општество. - Се разбира, поделеното општество кај нас нема да исчезне со издавањето на оваа книга. Ниту пак ќе исчезне расната дискриминација или етничката стигматизација, забележа Земон. Романот, како што посочи промоторот Милчо Јованоски, го отсликува Охрид од средината на 80-тите години од 20 век. - Во него ненаметливо е проткаена и потрагата на Египќаните по своето место „под сонцето“ пресликана преку љубовта на двајца млади, кои не припаѓаат на иста вера, но се со искрена и чиста љубов и верба во себе. Во романот приказната има среќен крај ама во реалноста за жал често не е така, забележа Јованоски. Авторката Ал Ашури истакна дека предрасудите се тие што ги двојат луѓето едни од други, незнаењето и мислењето дека едните се подобри од другите. Смета дека е доволно само да се чувствува и разбира со јазикот на срцето, и сѐ друго е многу лесно. - Од денот кога станав свесна за тоа која сум и што сум, на моите родители им беше многу важно да ми покажат како да излезам на крај со бремето што сум осудена да го носам низ животот. Тоа бреме ние Египќаните го носиме со илјадници години и ништо не може да се промени од генерација во генерација. Но сепак, имам надеж дека новите, младите синови и ќерки на Амон ќе можат да го носат тоа бреме подобро, ќе бидат горди, сфатени и прифатени без предрасуди, рече Ал Ашури. Робертина Ал Ашури е родена во Струга. Средно училиште завршила во Охрид, а студира во Белград на филолошкиот факултет – арапски јазик и книжевност. За време на студирањето работи во српската и македонската радио телевизија. По завршувањето на студиите, работи во Египетската амбасада во Белград. Во времето на немирните збиднувања во Југославија се преселила во Јордан, а по две години во Германија, каде што живее и твори сега. „Децата на Амон“ утре ќе биде промовирана и во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. сс/ар/

Остани поврзан