• понеделник, 23 декември 2024

Продложена кризната состојба во енергетиката

Продложена кризната состојба во енергетиката
Скопје, 1 октомври 2022 (МИА) – Собранието вчера ја продолжи кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата и во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје заклучно со 30 април идната година. На вчерашното продолжение од 86-тата собраниска седница со 83 гласа „за“, ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“, беше изгласано продолжувањето на рокот на постоење на кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија, а со 86 гласа „за“, ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“, беше изгласана Предлог-одлуката за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија. Со оваа одлука се овозможува да се преземат мерки и активности, вклучувајќи и финансиска интервенција за да се обезбедат дополнителни количини на електрична енергија. Со донесувањето на одлуката Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија и за следење на состојбите со снабдување со топлинска енергија постојано ќе ја следи, анализира и проценува состојба на пазарите на електрична и топлинска енергија и ќе предлага мерки согласно уредбите кои ги регулираат критериумите и условите за прогласување на кризна состојба. Премиерот Димитар Ковачевски неодамна изјави дека ни претстои најтешката зима после Втората светска војна и дека со ребалансот на Буџетот веќе се обезбедени 76 милиони евра за антикризни мерки за одржување на ликвидноста во електроенергетскиот сектор, при зголемена цена на енергенси и при зголемена цена на електрична енергија. - ЕСМ како државна компанија работи да обезбеди електрична енергија по најповолна цена, а државата согласно своите можности да ја субвенционира во најголем дел таа електрична енергија со цел да се спречи ценовен шок, истакна тогаш Ковачевски. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, вчера ја повика Владата да одговори зошто го одбива неговиот план за справување со енергетската криза. Тој посочи дека планот е можност да се обезбеди стабилно производство на електрична енергија за домаќинствата и за индустријата но, исто така и затоплување на објектите и домовите кои се корисници на централното греење во Скопје. - Зошто одбива да заштеди 300 милиони евра, зошто одбива да има поголемо домашно производство на електрична енергија, зошто одбива да има поголем Бруто домашен производ, зошто одбива да нема зголемување на сметките за затоплување и за струја. За тоа одговор треба да даде Владата, можеби е повторно некаков тендер во прашање, некакви бизнис зделки, некој договор во четири очи, рече Мицкоски. Министерот за економија Крешник Бектеши, исто така вчера од собраниска говорница го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ јавно да ги соопшти контактите за набавка на поевтини енергенси и да каже за кои компании се работи, за какви понуди и по кои цени или ако не сака тоа да го стори, да ги достави до Министерството за економија. Бектеши рече дека е подготвен и директно да разговара со Мицкоски, лично да го побара. Воедно апелираше, ако Мицкоски не сака да ги објави контактите, тогаш, да ги достави в понеделник до Министерството за економија, а тој потоа лично, како што рече, ќе ги објави и ќе ги однесе во АД ЕСМ. - Јас ќе преземам одговорност и ќе му се јавам на Мицкоски. Ќе ги објавам контактите и ќе ги доставам до ЕСМ. Сметам дека целата јавност треба да знае и да биде информирана. Се треба да биде транспарентно. В понеделник сум тука, нека ми ги достави Мицкоски контактите, а јас јавно ако треба ќе го однесам во ЕСМ, да видиме од кои извори доаѓаат. Време на кризна состојба е, има некои работи кои државата не може да ги направи, членка сме на НАТО, рече Бектеши. Според него, никој не кажал дека нешто не се прифаќа. - Ние ги прифаќаме најдобрите понуди за набавка на енергенси за да имаме пониски цени. Зборувате за контакти. Објавете ги, јас лично ако треба ќе му се јавам на Мицкоски. Ако не сака да ги објави, нека ги достави до мене, јас ќе ги објавам. И вчера кажав, ние сме подготвени да разговараме со секого, вклучително и со Мицкоски за да ја надминеме кризата што полесно, со сите компании, државни или локални. Би апелирал, јавноста и медиумите транспартентно да бидат известени, контактите на ВМРО-ДПМНЕ или понудите треба да се обзнанат, да се знае од каде доаѓаат, каква цена имаат. Потсетувам дека ЕСМ има законска обврска да ја избере најевтината понуда. Христијан Мицкоски јавно да ги соопшти контактите за набавка на поевтини енергенси и да каже кои се тие компании, какви се понудите и цените, истакна Бектеши на пленарната седница на која се расправаше по предлог-одлуките за продолжување на кризната состојба во енергетиката на ниво на државата и во однос на топлинската енергија на ниво на Град Скопје. Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски вчера порача дека секоја понуда во насока на надминување на актуелната криза е добредојдена и затоа, како што рече, сите понуди од компании кои по препорака на Христијан Мицкоски ќе стигнат до ЕСМ во официјална форма, согласно Законот за јавни набавки на енергенси, веднаш ќе бидат разгледани од страна на Комисијата за јавни набавки на компанијата. - Мицкоски вчера изјави дека тој и неговата партија имаат контакти и индикативни понуди од компании за набавка на мазут и природен гас со кои што државата ќе заштеди 300 милиони евра. Затоа, ја користам оваа прилика јавно да го повикам Мицкоски да ги информира сите тие компании од кои има индикативни понуди, а кои биле со важност од една недела, во текот на следните неколку денови, но не подоцна од среда, да ги комплетираат понудите и да ги достават до АД ЕСМ, изјави вчера Ковачевски. Понудите од компаниите, како што рече, треба да имаат технички карактеристики на енергенсот (мазутот или природниот гас), да ги имаат сите сертификати, да ги имаат сите потребни лиценци, да имаат обезбедени количини (250.000 тони мазут и 250.000.000 нормални кубни метри природен гас), да имаат договори со испорачатели, да имаат обезбедено транспорт до производните капацитети (мазутот до ТЕЦ Неготино, РЕК Осломеј и РЕК Битола, а природниот гас до ТЕ-ТО и топланите во Скопје), да имаат динамика на испорака согласно производниот план и да имаат обезбедено банкарска гаранција. - Впрочем, ова се критериуми и услови кои и досега се барале, во сите јавни набавки на овие енергенси. Доколку евентуално пристигнат тие понуди и ги исполнуваат сите споменати критериуми и имаат најниска понудена цена, со тие компании ќе бидат склучени договори. Очекуваме, според вчера кажаното, евентуалните понуди да бидат со ниски цени, а со тоа ЕСМ и државата да заштедат 300 милиони евра. Доколку, пак, не пристигнат понуди по препорака на Мицкоски, ќе ја известиме јавноста за исходот на постапката, потенцира Ковачевски. вј/сп/

Остани поврзан