• среда, 26 јуни 2024

Признание за Музејот на Град Кратово за 25 години успешна соработка со Археолошки музеј на Северна Македонија

Признание за Музејот на Град Кратово за 25 години успешна соработка со Археолошки музеј на Северна Македонија

Кратово, 25 јуни 2024 (МИА) - Музејот на Град Кратово ја одбележа 25-годишната успешна соработка со Националната установа Археолошки музеј на Северна Македонија со изложба на над 1000 артефакти камена пластика од периодот на доцната антика, пронајдени на археолошкиот локалитет Големо Градиште во село Коњух, кратовско, а директорката на Археолошкиот музеј, Славица Бабамова, по повод 100 години постоење на оваа национална установа, додели плакета во знак на признание на успешната две и пол децениска успешна соработка со Музејот на Град Кратово.

Изложбата од вчера е отворена за јавноста во просториите на училиштето „Гоце Делчев" во село Коњух, а изготвени се и брошури за посетителите и туристите.

-Нашиот музеј веќе 25 години успешно придонесува во соработката со Археолошкиот музеј преку истражувањата и ископувањата што се вршат токму на овој локалитет, Големо Градиште, Коњух, каде се реализира долгорочниот меѓународен проект помеѓу Археолошкиот музеј од Скопје и Колеџот „Гетисбург“ од Пенсилванија, САД, под водство на археолозите Каролина Свајли и Горан Санев, кустос-советник. Токму артефактите пронајдени во периодот од две и пол децении во рамки на проектот се изложени за јавноста и туристите, со што се промовира овој богат  археолошки локалитет како локалитет за културен туризам што ја збогатува севкупната туристичка понуда на општина Кратово, информира директорот на Музејот на Град Кратово, Драган Георгиевски.

Упати благодарност до НУ Археолошки музеј на Северна Македонија за плакетата доделена на Музеј на град Кратово, во знак на препознавање, рече, на вредностите на успешно работење во областа на музејската дејност.

-Со директорката на Археолошкиот музеј и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов, го посетивме и археолошкиот локалитет Големо Градиште,каде е отворена нова ротонда (црква), постара од претходно истражената, богата со бројни артефакти, керамика, керамичка пластика, над 1000 монети, пред сѐ од Византискиот период, во 6 век, додава Георгиевски.

Најави дека породолжуваат да ја градат успешната соработка со надлежните национални институции и Министерството за култура, како и да работат вредно во насока на промоција на градот на кулите и мостовите, како богата културно-историска дестинација за посета.ид/

Фото: Музеј на Град Кратово 

Остани поврзан